КУЗМАНОВСКИ ГИ РАСТУРИ ПАРТИЗАНЦИТЕ Пелистер со спектакуларна победа ја отвори РРЛ

Капитенот постигна неверојатни 15 гола, а битолчани со 35:31 го совладаа српскиот шампион пред својата публика.

КУЗМАНОВСКИ ГИ РАСТУРИ ПАРТИЗАНЦИТЕ Пелистер со спектакуларна победа ја отвори РРЛ
Фото: Принтскрин

Еурофарм Пелистер со победа го започна настапот во Регионалната ракометна лига, откако пред домашната публика во Битола го совлада српскиот шампион Партизан со 35:31.

Битолчани уште од почетокот на натпреварот го наметнаа своето темпо. Капитенот Филип Кузмановски беше главниот предводник на екипата, а со серија голови му помогна на Пелистер брзо да создаде предност која домаќинот успешно ја одржуваше.

На полувреме Еурофарм Пелистер замина со убедливи 20:13, а во вториот дел предноста во неколку наврати достигна и осум гола – 23:15, 24:16 и 25:17.

Партизан во финишот успеа да ја намали разликата преку Вагнер и Лумбросо, но победата на македонскиот тим во ниту еден момент не беше сериозно загрозена.

Кузмановски беше убедливо најефикасен ракометар на натпреварот со дури 15 постигнати голови. Граховац и Хенигман додадоа по четири, додека кај Партизан Вагнер постигна 10 гола.

Пелистерци во следните седум дена ги очекуваат уште два натпревари, повторно пред своите навивачи. На 26 август во Битола гостува Ловќен од Црна Гора, додека на 31 август противник ќе биде српска Дубочица.

Во истата група настапува и Алкалоид, кој својот прв натпревар во Регионалната ракометна лига ќе го одигра на 26 август во Автокоманда против Партизан, со почеток во 19 часот.

Вардар и Охрид, пак, кои се натпреваруваат во групата Б, стартот во РРЛ го имаа со победи над Војводина.

CATEGORIES
Share This