КУПИ СОНЦЕ, МОРЕ И ПАСОШ – Сѐ за 200.000 долари
Овие програми се достапни во Антигва и Барбуда, Доминика, Гренада, Свети Китс и Невис, и Света Луција

Купете куќа и добијте пасош! Оваа необична, но сѐ попопуларна понуда сѐ почесто се појавува во огласите за недвижности на Карибите – регионот познат по белите песочни плажи и тиркизното море што привлекува илјадници туристи секоја година.
Со цел да привлечат странски инвеститори со подлабок џеб, неколку островски земји нудат можност за добивање државјанство како дел од програмите за економски инвестиции. Купувањето недвижен имот од најмалку 200.000 долари овозможува добивање пасош што овластува за безвизен пристап до дури 150 држави, меѓу кои и земјите од Шенген-зоната.
Овие програми се достапни во Антигва и Барбуда, Доминика, Гренада, Свети Китс и Невис, и Света Луција. Понудата е најатрактивна за граѓаните на САД, каде растечката политичка и социјална нестабилност предизвикува интерес за „резервен план“.
„Минатата година купувачите беа привлечени од стилот на живот на Карибите. Денес речиси сите велат: ‘Сакам куќа со државјанство’. Никогаш немаме продадено толку многу имоти“, изјави Надја Дајсон од компанијата Luxury Locations.
Освен Американците, интерес пројавуваат и државјани на Украина, Турција, Нигерија и Кина. Според податоците, бројот на апликации за вакво државјанство е зголемен за 12 проценти во последниот квартал од 2024 година.
„Многу клиенти бараат ‘политички неутрален’ пасош. Само 10 до 15 отсто навистина се селат, но за повеќето ова е форма на осигурување – резервна опција за несигурна иднина“, објаснува Доминик Волек од една консултантска компанија.
Сепак, ваквите програми не поминуваат без критики. Европската Унија изрази загриженост дека слабата контрола може да овозможи пристап на криминални групи до европскиот простор. Брисел предупредува дека би можел да го укине безвизниот режим за овие држави, доколку се утврди злоупотреба.
Од друга страна, карипските земји тврдат дека сите апликанти поминуваат низ строги безбедносни проверки.
„Нашата програма е транспарентна и функционира според највисоки стандарди. Продажбата на пасоши веќе обезбеди над 1 милијарда долари од 1993 година досега, средства што се инвестирани во витална инфраструктура – вклучувајќи и изградба на модерна болница“, изјави премиерот на Доминика, Рузвелт Скерит.


