КРАТОВО ВОВЕДУВА ФИНАНСИСКИ СТИМУЛ – 9.000 денари за гимназијалци и стипендии за дуално образование
Општината доделува еднократна помош и месечни стипендии со цел да ги мотивира учениците да се запишат во средно образование во Кратово и да се задржат младите во локалната заедница.

Советот на Општина Кратово, на предлог на градоначалникот Тодорче Николовски, едногласно донесе одлука за воведување финансиски мерки за поддршка на учениците кои ќе се запишат во прва година средно образование во општината.
Според одлуката, учениците запишани во гимназиско образование ќе добијат еднократна парична помош во износ од 9.000 денари. За учениците кои ќе се определат за секторот угостителство и туризам, односно за образовниот профил хотелско-ресторантски техничар со зголемен фонд на практична настава, е предвидена еднократна субвенција од 3.000 денари.
Дополнително, учениците кои ќе бидат запишани во овој профил како дел од системот на дуално образование и ќе ги исполнат пропишаните услови, ќе добиваат месечна стипендија од 3.500 денари во времетраење од девет месеци. Стипендиите се обезбедени од Владата и Министерството за образование и наука.
Од Општина Кратово истакнуваат дека оваа мерка е дел од пошироките политики за поттикнување на образованието, професионалниот развој на младите и нивно задржување во локалната средина.
