КРАЈ НА КЕШОТ ВО ФИНАНСИСКИТЕ ДРУШТВА Новите кредити и исплати ќе мора да одат преку трансакциски сметки

Новиот Закон за финансиски друштва го поминал последното читање, а предвидува задолжително вршење на сите исплати и уплати преку трансакциски сметки.

КРАЈ НА КЕШОТ ВО ФИНАНСИСКИТЕ ДРУШТВА Новите кредити и исплати ќе мора да одат преку трансакциски сметки
Фото: Принтскрин

Нема повеќе исплати и уплати во готовина во финансиските друштва – сите трансакции ќе мора да се вршат исклучиво преку трансакциски сметки. Ова е една од позначајните новини предвидени во новиот Закон за финансиски друштва, кој е подготвен и го поминал последното читање, информира министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

Министерката посочи дека токму работењето со готовина било една од работите на кои најмногу инсистирала при подготовката на законските измени.

„Дефинитивно најмногу ми пречеше делот со кешот. Не може да има исплати во готовина, уплати во готовина и тоа е нешто што верувам дека финансиските друштва бурно ќе реагираат. Мора да оди преку сметки“ изјави Димитриеска-Кочоска.

Со оваа измена се предвидува поголема контрола и транспарентност во финансиските трансакции на друштвата кои одобруваат кредити и обезбедуваат други финансиски услуги.

Осврнувајќи се на надзорот врз финансиските друштва, министерката потсети дека уште во 2024 година Министерството за финансии испратило циркуларно писмо до сите друштва, со предупредување да ги почитуваат одредбите од членот 36 од Законот за заштита на потрошувачите. Станува збор за одредби со кои се забранува наплата на одредени трошоци за опомени, нивно доставување и слични дејствија што ги преземаат финансиските друштва.

„Уште во 2024 година, ние како Министерство за финансии имаме испратено едно циркуларно писмо до сите финансиски друштва, со напомена да се внимава токму на член 36 од Законот за потрошувачи, каде што одредени опомени, доставување на опомени и таков тип на дејствија, коишто ги преземаат финансиските друштва, не смеат да се наплаќаат“ посочи министерката.

Таа информираше дека надзорните капацитети на Министерството биле зајакнати со поддршка од претставници на Одделот за техничка помош при Министерството за финансии на САД. Како резултат на овие активности, во 2025 година било формирано посебно одделение кое спроведува вонтеренски и теренски контроли. Димитриеска-Кочоска нагласи дека контролите постојано се интензивираат, а значајна улога во откривањето на неправилностите имаат и пријавите од граѓаните.

„Јас ги охрабрувам и понатаму да пријавуваат. Сите овие изречени прекршоци, опомени итн., се резултат на пријави на граѓани. Ние на дневна основа добиваме пријави и постапуваме по нив. И сето тоа на некој начин ни даде насока како да се подобри законот“ рече министерката.

Министерката се осврна и на финансиските друштва на кои им беа одземени дозволите за работа, појаснувајќи дека таквата одлука не значи дека компаниите веднаш престануваат да постојат. Нивното целосно згаснување се спроведува согласно законски утврдените рокови и процедури, преку стечај или ликвидација.

Причината е што овие друштва имаат склучено кредитни договори со определена рочност, па потребно е време за регулирање на побарувањата и завршување на сите законски обврски.

„По законот си има постапка, во колкав рок тие треба да се подготват за одење во стечај или ликвидација. Не е тоа дека со одземањето на дозволата, значи дека понатаму не смеат да кредитираат, меѓутоа до нивно комплетно затворање има процес“ објасни Димитриеска-Кочоска.

На крајот, министерката нагласи дека новиот закон е подготвен врз основа на анализите, пријавите од граѓаните и искуствата стекнати преку надзорните контроли. Според неа, за да се донесат квалитетни законски решенија, неопходно е да се земат предвид и информациите од самите финансиски друштва кои работат согласно законот.

CATEGORIES
Share This