КРАЈ НА ХАОСОТ СО КРАВИТЕ ВО КРИВА ПАЛАНКА Владата презеде мерки, протестот е откажан

По две и пол години реакции и борба на граѓаните, институциите добија задолженија за заловување, одземање и згрижување на добитокот. Градоначалникот Митовски вели дека граѓаните се пред победа.

КРАЈ НА ХАОСОТ СО КРАВИТЕ ВО КРИВА ПАЛАНКА Владата презеде мерки, протестот е откажан
Фото: Принтскрин

По повеќе од две и пол години реакции и барања од граѓаните, проблемот со кравите кои слободно се движат низ Крива Паланка би можел конечно да добие разрешница. Владата донесе одлука со која им се доделуваат конкретни задолженија на надлежните институции за заловување, одземање и згрижување на добитокот.

Како резултат на најавените институционални активности, протестот што граѓаните го најавија за оваа сабота е откажан.

Од Општина Крива Паланка ја поздравија одлуката на Владата, оценувајќи дека со неа се преземаат конкретни чекори за решавање на долгогодишниот проблем со говедата кои се движат на територијата на општината.

Градоначалникот Сашко Митовски истакна дека по две и пол години упорна борба, граѓаните се блиску до остварување на своето барање за конечно решавање на проблемот.

„По две и пол години аргументирана, упорна и континуирана борба, граѓаните на Крива Паланка се пред победа. Како градоначалник ја поздравувам оваа одлука, со која се потврдуваат нашите досегашни аргументи и ставови во однос на законските надлежности и одговорноста на институциите за решавање на проблемот“ истакнува Митовски.

Со владината одлука се очекува надлежните институции да ги преземат потребните активности за отстранување на добитокот од јавните површини и негово соодветно згрижување.

По долг период на реакции и незадоволство кај локалното население, останува да се види колку брзо ќе се спроведат најавените мерки и дали конечно ќе се стави крај на проблемот што со години ги засега жителите на Крива Паланка.

ИЛЈАДА КРАВИ ГО ДРЖАТ ГРАДОТ ВО НЕИЗВЕСНОСТ Крива Паланка на протест, институциите две и пол години не постапуваат

 

CATEGORIES
Share This