КРАЈ ЗА СЕАТ Фолксваген подготвува голема промена, брендот не е дел од плановите за 2030 година

Раководството на германскиот концерн подготвува постепено згаснување на шпанската марка, а фокусот се префрла кон Купра.

КРАЈ ЗА СЕАТ Фолксваген подготвува голема промена, брендот не е дел од плановите за 2030 година
Фото: Принтскрин

Групацијата „Фолксваген“ планира постепено да го згасне шпанскиот автомобилски бренд „Сеат“ најдоцна до крајот на 2029 година, во рамки на големата програма за штедење и реструктуирање на најголемиот европски производител на автомобили.

Според германскиот весник „WirtschaftsWoche“, раководството на „Фолксваген“ веќе подготвило временски план за постепено затворање на брендот, а предлогот треба да биде разгледан и одобрен од надзорниот одбор на компанијата. „Сеат“ повеќе не се наоѓа во стратешката структура на групацијата за 2030 година, објавува „Business and Finance“.

Одлуката се поврзува со настојувањата на „Фолксваген“ да ја намали сложеноста на своето работење и инвестицискиот товар во рамки на таканаречената „Core“ група, во која покрај „Фолксваген“ се и „Шкода“, „Сеат“ и „Купра“.

Според плановите на раководството, идниот развој во оваа групација ќе биде насочен првенствено кон брендот „Купра“, додека продолжувањето на „Сеат“ во неговата сегашна форма би барало дополнителни инвестиции и ресурси.

Германскиот автомобилски гигант во исто време се соочува со засилен притисок од кинеските производители на европскиот пазар, проблеми на кинескиот пазар и последиците од американските царини.

Извршниот директор на „Фолксваген“, Оливер Блуме, спроведува програма за намалување на трошоците и приспособување на компанијата кон променетите услови на глобалниот автомобилски пазар.

Одлуката за иднината на „Сеат“ доаѓа во период кога „Фолксваген“ ја преиспитува и иднината на дел од своите германски производствени капацитети.

Надзорниот одбор треба да ги разгледа долгорочните перспективи на фабриките во Цвикау, Емден, Хановер и Некарзулм, како и можноста за дополнително намалување на бројот на вработени во компанијата на глобално ниво.

CATEGORIES
Share This