Владата денеска го утврди новиот усогласен текст на Предлог-законот за игрите на среќа и забавните игри, со кој за првпат се воведуваат строги ограничувања за рекламирањето на коцкањето, соопшти на прес-конференција владината портпаролка Венера Азизи.
Според новите законски решенија, ќе биде забрането рекламирање на игри на среќа надвор од деловните простории доколку содржината има цел да ги поттикне граѓаните да учествуваат во коцкање. Забранети ќе бидат и пораки што коцкањето го прикажуваат како начин за финансиски успех, подобар живот или решение за лични и социјални проблеми.
Дополнително, со законот се ограничува користењето познати личности во реклами за игри на среќа, како и содржини насочени кон малолетници.
Предлог-законот предвидува и построги правила за локациите на објектите за игри на среќа. Казината, автомат-клубовите и објектите со електронски игри ќе мора да бидат оддалечени најмалку 500 метри од основните и средните училишта. Во обложувачниците што се наоѓаат во радиус до 500 метри од училишта нема да биде дозволено поставување електронски видеолотариски терминали и друга опрема за електронски игри на среќа.
Паралелно со законските измени, институциите продолжуваат со мерки против нелегалното онлајн коцкање. Според Владата, досега се затворени 358 нелегални странски онлајн платформи кои приредувале игри на среќа без лиценца и без соодветна контрола на територијата на државата.
Од Владата најавуваат дека и покрај обидите на нелегалните приредувачи да отвораат нови интернет-страници и канали, контролите и законските мерки ќе продолжат со засилено темпо.