КРАЈ НА РОБОТСКИОТ ГЛАС „Опен АИ“ претстави модел што звучи поприродно од кога било
„ГПТ лајв“ овозможува разговор без вештачки паузи, со побрзи реакции и можност за посложени задачи преку поврзување со „ГПТ 5.5“.

Колку поприродно звучи гласовниот одговор, толку е поголема веројатноста корисниците да му веруваат, но проблемот со халуцинациите останува ист како и кај другите модели на вештачка интелигенција. „Опен АИ“ го лансираше „ГПТ лајв“, нов гласовен модел за „Чет-ГПТ“ кој го заменува досегашниот „Адвансд војс мод“. Новата алатка овозможува истовремено слушање и зборување, со што се елиминираат вештачките паузи што беа карактеристични за претходната верзија.
Досегашното потпирање на текстуални одговори претставуваше ограничување за поширока употреба на вештачката интелигенција во секојдневието, а „ГПТ лајв“ има цел да го направи разговорот со АИ поблизок до природната комуникација. Една од главните новини е можноста моделот во текот на разговорот да користи потврдни звуци како „мхмм“, да одржува побрза размена на реплики и да прави паузи за размислување без да го прекинува корисникот.
Втората значајна промена е одвојувањето на гласовниот модел од процесот на подлабоко заклучување. Кога прашањето бара посложена анализа, „ГПТ лајв“ го проследува барањето до моделот „ГПТ 5.5“, кој ја извршува задачата во заднина, додека гласовниот модел продолжува да го одржува текот на разговорот.
На демонстрацијата пред новинарите, моделот покажа можност за симултан превод на хинди јазик додека говорникот зборуваше. Преводот следуваше веднаш по завршувањето на речениците, без дополнителни паузи и без карактеристичниот звук за „размислување“ од претходната верзија.
Од „Опен АИ“ наведуваат дека „ГПТ лајв“ покажува подобри резултати од „Адвансд војс мод“ и според оценките на корисниците и според техничките тестови, вклучително и научното заклучување и агентското пребарување. Моделот ќе биде достапен во две верзии: „ГПТ лајв-1“, наменет за корисниците на „Гоу“, „Плус“ и „Про“ плановите, и „ГПТ лајв-1 мини“, кој ќе биде стандардна опција за бесплатните корисници.


