52 ГОДИНИ ЗАЕДНО ДО ПОСЛЕДНИОТ ДЕН Тајната на бракот на Бони Тајлер што ретко кој ја знаеше
Пејачката зад „Total Eclipse of the Heart“ остави зад себе не само музичко наследство, туку и неверојатна љубовна приказна со Роберт Саливан.

Славната велшка пејачка Бони Тајлер, позната по незаборавните хитови „Total Eclipse of the Heart“ и „Holding Out For A Hero“, почина на 76-годишна возраст поради здравствени компликации предизвикани од перфорација на цревата. Освен по својата богата музичка кариера, Тајлер беше позната и по својот долг и стабилен брак со Роберт Саливан, кој траеше цели 52 години. Таа често истакнуваше дека клучот за нивната успешна врска бил фактот што се запознале пред таа да стане светски позната ѕвезда.
„Мислам дека тајната на нашиот успех е што се запознавме пред да станам позната“, изјавила пејачката во интервју за „Тајмс“.
Бони, чие вистинско име е Гејнор Хопкинс, во осумдесеттите години стекна светска слава со своите моќни вокали и емотивни балади, но и нејзиниот сопруг имал интересен животен пат. Роберт Саливан, пред да изгради успешна кариера во бизнисот со недвижности, бил врвен спортист. Во младоста бил успешен џудист и ја претставувал Велика Британија на Летните олимписки игри во Минхен во 1972 година, каде се натпреварувал во категоријата до 80 килограми и завршил на 18-то место. Истата година освоил и сребрен медал на Европското екипно првенство во Холандија.
Двојката се запознала во 1970 година, кога Саливан работел како менаџер на ноќен клуб во Свонси, Велс, а Бони тогаш ги правела првите чекори во музичкиот свет настапувајќи по локалните клубови. Три години подоцна, на 4 јули 1973 година, тие стапиле во брак. Иако Тајлер отсекогаш посакувала да има деца, животот имал поинаков план. По години обиди да основаат семејство, таа и Саливан се соочиле со проблеми со плодноста.
„Кога првпат почувствував мајчински инстинкт, престанавме да користиме контрацепција и веднаш останав бремена“, раскажала таа за „Мирор“ во 2025 година.
Сепак, неколку месеци подоцна доживеала спонтан абортус, што било исклучително тежок период за неа.
„Во тој момент беше ужасно“, изјавила таа за „Гардијан“.
И покрај болката, пејачката продолжила со професионалните обврски и се вратила на сцената.
„Не сум личност која долго се задржува на тешки нешта. Веќе следниот викенд бев во Париз поради телевизиски настап и едноставно продолжив понатаму“, рекла таа.
Бони и Роберт продолжиле да се надеваат дека ќе станат родители, но по уште неколку години обиди, сфатиле дека тоа можеби не им било предодредено.
„Едноставно помисливме дека тоа не ни било судено“, изјавила Тајлер.
И покрај тоа, нивната љубов останала силна повеќе од половина век, а нивниот брак остана еден од најдолгите и најстабилните во светот на музиката.


