КОШМАРНА НОЌ ВО ПУЛС Еден син преживеа, другиот со слаб пулс – мајката раскажува
Родителите сведочат за хаосот и моментот кога сфатиле дека децата се мртви

Андреј бил повикан на работа во „Пулс“ во 01 часот по полноќ од газдата Дејан Јованов, бидејќи таа вечер имало многу гости.
„Буквално секој што знаел да држи чаша во рака беше повикан“, сведочеше мајка му, Марија Петрушева.
Таа откри дека нејзиниот 24-годишен син бил повикан вонредно, само неколку часа пред трагедијата. Последниот контакт со него го имала во 18:30 часот, кога ѝ рекол дека е уморен, но мора да оди на работа.
Кошмарот за семејството Петрушеви започнал околу 02:45 часот, кога ги слушнале сирените. Живеејќи во близина на болницата и гледајќи кон излезот на Кочани, сфатиле дека нешто гори во правец на дискотеката.
„Почнав да ѕвонам кај двајцата синови наизменично, но не добив одговор. Му пишав на Андреј и на Инстаграм: ’Што се случува?‘, но до денес пораката остана непрочитана“, сведочеше таа низ солзи.
Пред „Пулс“ владеел хаос. Сопругот влегол во чадот да ги бара синовите, додека Марија пребарувала тела надвор.
„Се наведнав да ги обртам децата за да видам дали е некој од нив. Не сфаќав дека се мртви… мислев дека се онесвестени од чадот“, рече таа, момент кој предизвика еден од родителите во судницата да ја напушти салата.
Надежта се појавила кога едно момче ѝ кажало дека синовите се однесени во болница – помалиот Христијан бил во ред, а Андреј имал слаб пулс.


