КОЈ СМЕЕ ДА ОТВОРИ КАЗИНО ИЛИ ОБЛОЖУВАЛНИЦА Нови правила, ќе се проверуваат и парите

Нов Правилник носи построги проверки за лиценците: ќе се испитуваат репутацијата, интегритетот, санкциите и потеклото на средствата на оние што сакаат да приредуваат игри на среќа.

КОЈ СМЕЕ ДА ОТВОРИ КАЗИНО ИЛИ ОБЛОЖУВАЛНИЦА Нови правила, ќе се проверуваат и парите
Фото: Принтскрин

По усвојувањето на новиот Закон за игрите на среќа и забавните игри, Министерството за финансии продолжува со неговата имплементација преку донесување на потребните подзаконски акти. Како дел од процесот е донесен Правилникот со кој детално се уредуваат условите и документацијата за утврдување на репутацијата, интегритетот и потеклото на средствата на лицата кои ќе аплицираат за лиценци за приредување игри на среќа.

Правилникот се однесува на правни и физички лица кои ќе поднесуваат барања за лиценца за казино, обложувалница, автомат клуб или томбола од затворен тип. Тие ќе треба со соодветна документација да докажат дека ги исполнуваат условите предвидени со законската регулатива.

Меѓу другото, ќе се проверуваат евентуално изречени санкции за забрана за вршење професија, казни за забрана за приредување игри на среќа, како и други околности кои може да бидат значајни за учеството во приредувањето на игрите на среќа. Предвидено е да се утврдува и потеклото на средствата со кои се финансира приредувањето на игрите.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска оцени дека Правилникот претставува важен чекор бидејќи законските принципи ги претвора во конкретни правила, процедури и критериуми што ќе може да се применуваат во пракса.

Од Министерството за финансии посочуваат дека се работи и на подготовка и донесување на останатите правилници потребни за целосна имплементација на новиот Закон за игрите на среќа и забавните игри.

Според Димитриеска-Кочоска, современата регулатива треба да одговори на новите предизвици, да обезбеди поголема заштита на граѓаните и да овозможи поефикасен надзор над индустријата.

Новиот Закон беше донесен на крајот на јуни годинава, со образложение дека областа на игрите на среќа значително се променила во изминатите години. Со новата регулатива се воведуваат повеќе мерки насочени кон поголема контрола, заштита на граѓаните и поодговорно работење во оваа индустрија.

„Донесувањето на Законот и на подзаконските акти не е крајот на процесот. Вистинскиот резултат доаѓа со неговата доследна имплементација“, порача министерката.

CATEGORIES
Share This