КОЈ ЌЕ ЈА ДОБИЕ „ЗЛАТНАТА ТОПКА“? – Номинирани 40 фудбалери

Списанието „Франс фудбал“ ја претстави официјалната листа на 30 фудбалери кои ќе се борат за престижната „Златна топка“ во 2025 година, а новиот освојувач ќе биде прогласен на свечената церемонија во Париз на 22 септември.
Оваа година најмногу внимание привлече доминацијата на ПСЖ, кој со убедливата победа од 5-0 над Интер во финалето на Лигата на шампионите ја комплетираше тројната круна. Тој успех им донесе дури седум номинации: Усман Дембеле, Џанлуиџи Донарума, Витиња, Жоао Невес, Ашраф Хакими, Нуно Мендес и Хвича Кваратскелиа. Португалските репрезентативци од оваа група добија дополнителен престиж со триумфот во Лигата на нации на УЕФА.
На списокот се најдоа и големите ѕвезди Ерлинг Халанд, Мохамед Салах, Хари Кејн, Роберт Левандовски, Винисиус Џуниор, Лаутаро Мартинез и Деклан Рајс. Особено внимание привлекува Ламине Јамал, младиот талент на Барселона, кој со само 18 години импресионираше и во Ла Лига и на репрезентативно ниво, поставувајќи се како еден од главните фаворити покрај Дембеле.
Сепак, изборот не помина без изненадувања. Едно од нив е отсуството на Бруно Фернандеш, кој имаше извонредна сезона со Манчестер Јунајтед и португалската репрезентација, како и изоставувањето на Јошко Гвардиола, играч на сезоната во Манчестер Сити. Наместо нив, меѓу номинираните се најдоа имиња како Џуд Белингам, кој имаше проблеми со повреди, и Дензел Дамфрис, чии настапи во најголем дел од сезоната беа бледи, со исклучок на полуфиналето од Лигата на шампионите против Барселона.
Изборот на кандидатите се темели на индивидуалните настапи, клучната улога во одлучувачки моменти, тимските успеси, спортскиот дух и целокупниот впечаток. Гласањето ќе го спроведат новинари од 100-те највисокорангирани фудбалски нации според ФИФА, при што секој ќе одбере десетмина играчи, доделувајќи бодови од 1 до 12 според утврдената шема.
Покрај главната награда, на истата церемонија ќе бидат врачени и признанијата за најдобра фудбалерка (Ballon d’Or Féminin), најперспективен млад играч (Трофеј Копа), најдобар голман (Трофеј Јашин) и најдобар стрелец (Трофеј Герд Милер).


