КОЈ ЈА ОСВОИ ДОВЕРБАТА НА ПИСАТЕЛИТЕ – ДПМ со нов претседател
Друштвото на писателите на Македонија избра ново раководство на редовно изборно собрание.

Нова претседателка на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) е писателката Гордана Јовиќ-Стојковска, која на денешното редовно изборно собрание ја добила поддршката од мнозинството членови, вкупно 71 глас.
Од ДПМ информираат дека собранието се одржало во пријатна и колегијална атмосфера во просториите на улица „Максим Горки“ бр. 18 во Скопје, каде членството го избрало новото раководство на здружението.
Во новиот Управен одбор се избрани и досегашниот претседател Живко Грозданоски, како и Петар Андоновски, Драгана Евтимова, Хана Корнети, Елизабета Јончиќ и Сеида Бегановиќ.
За членови на Судот на честа се избрани Ирена Јурчева, поранешната претседателка на ДПМ Соња Стојменска-Елзесер, Диме Ратајкоски, Марина Мијаковска и Иван Антоновски.
Новата претседателка во своето обраќање им честиташе на избраните членови, посебно нагласувајќи ја улогата на помладите автори и потребата од добра соработка во рамки на здружението. Таа истакна дека е важно активностите да се насочат и кон членовите надвор од Скопје, како и кон различните заедници, оценувајќи дека и делумна реализација на програмските цели би претставувала значаен успех.
Новото раководство на ДПМ во следниот период треба да ја одржи конститутивната седница, на која ќе биде избран и потпретседател.


