КНИГАТА НА КОМПЈУТЕР, ТАБЛЕТ И ТЕЛЕФОН Паноптикум со нова е-Библиотека

Паноптикум ја отвори е-Библиотеката, дигитален простор што ги поврзува македонските автори, книжевното наследство и читателите од целиот свет.

КНИГАТА НА КОМПЈУТЕР, ТАБЛЕТ И ТЕЛЕФОН Паноптикум со нова е-Библиотека
Фото: Принтскрин

Паноптикум ја претстави новата е-Библиотека Паноптикум, дигитален простор наменет за објавување, зачувување, промоција и читање македонски книги.

Проектот ги обединува Паноптикум, КЛИК е-издаваштво и е-Библиотека Паноптикум во единствен издавачки и медиумски систем. Преку оваа платформа, авторите добиваат можност своите дела да ги претстават во дигитално издание, со уредничка обработка и континуирана промоција, додека читателите можат да им пристапат преку компјутер, таблет или мобилен телефон.

е-Библиотеката е конципирана како уредена дигитална библиотека и издавачка платформа, а не само како архива на PDF-документи. Секоја книга има свое место во каталогот, со библиографски и авторски информации, како и можност за онлајн читање. Корисниците преку својот профил имаат и лична секција „Моја библиотека“.

Во каталогот веќе се достапни дела од современи македонски автори, меѓу кои Љупчо Димитровски, Ненад Георгиевски и Иван Џепароски. Истовремено, платформата отвора простор и за дигитализација и ново претставување на македонското книжевно наследство.

Меѓу бесплатно достапните изданија се „Бели мугри“ од Кочо Рацин, „Бегалка“ од Васил Иљоски и „Силјан Штркот“ „Кузман Капидан“ од Марко Цепенков. Овие дела се достапни преку соработка со Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ Скопје, со што дел од библиотечните фондови повторно се приближуваат до читателите, овојпат во современа дигитална форма.

Корисниците ќе можат да пристапуваат до публикациите на повеќе начини, преку бесплатни изданија, членство или индивидуално купување книги. Пристапот се реализира преку кориснички профил на Паноптикум.

Една од главните цели на проектот е македонската книга да биде достапна без оглед на тоа каде се наоѓа читателот, како во Македонија така и во дијаспората.

Како дел од поширокиот развој на дигиталното издаваштво, Паноптикум преку КЛИК е-издаваштво ја реализира и програмата „160 дела. 160 недели.“. Станува збор за долгорочен модел посветен на континуирано дигитално издавање, уредување, претставување и промоција на книжевни дела.

е-Библиотека Паноптикум:
https://biblioteka.panoptikum.mk

Повеќе информации:
https://panoptikum.mk/biblioteka

https://panoptikum.mk

 

CATEGORIES
Share This