КЛЕКОВСКИ УДРИ ПО ЗЛОУПОТРЕБИТЕ НА БОЛЕДУВАЊАТА Одмор во Италија, а на боледување
Министерот најави построги контроли, но и олеснувања за пациентите со тешки и трајни дијагнози.

Министерот за здравство Сашо Клековски вели дека планираните измени на правилникот за боледување се подготвени врз основа на компаративни анализи и имаат цел да ги спречат злоупотребите, а не да ги ограничат правата на граѓаните.
Клековски посочи дека има случаи во кои лица користат боледување, а истовремено објавуваат фотографии од одмор во странство или работат друга работа.
„Има бројни злоупотреби на боледувањата. Имаме ситуации во кои луѓе кои се на боледување на Инстаграм објавуваат фотографии од одмор во Италија“, рече Клековски.
Тој нагласи дека предложените решенија се споредувани со практики од други европски земји, меѓу кои и Словенија, и дека целта не е да се кршат работничките права.
Според Клековски, потребно е да се олесни административната процедура за пациентите со трајни и сериозни дијагнози, како онколошки, автоимуни и други тешки заболувања.
„Треба да ја релаксираме администрацијата каде што е јасно дека дијагнозата е непроменлива, а повеќе да го оневозможиме земањето боледување за спојување празници, одење на годишен одмор или работа на друго место“, рече министерот.
Тој не смета дека намалувањето на периодот за кој матичниот лекар може да отвори боледување, од седум на пет дена, претставува казна за граѓаните. Како што посочи, постои „инфлација“ на боледувања, вклучително и случаи во кои тие се издаваат телефонски, па пет дена се доволни за вакви ситуации.
Во однос на контролата на движењето на лицата кои се на боледување, Клековски смета дека ова прашање треба да се регулира со закон, бидејќи во моментов не е соодветно уредено.
Тој како пример ја посочи Словенија, каде режимот на престојување и движење за време на боледување е регулиран со закон. Контролите, според него, може да се иницираат и по пријава до Фондот за здравствено осигурување доколку постојат информации дека лице на боледување е на одмор или работи.
Клековски додаде дека во јули била отворена јавна расправа за предложените промени и порача дека Министерството и Фондот за здравствено осигурување остануваат отворени за разговори и дополнителни предлози.

