КЛЕКОВСКИ ГИ НАРЕЧЕ СЛОБОДНИ ЈАВАЧИ, ЛЕКАРИТЕ МУ ОДГОВОРИЈА Многу би ви бил благодарен

Изјавата на министерот за здравство предизвика остри реакции кај дел од медицинската фела, а меѓу првите му одговори микробиологот Никола Пановски.

КЛЕКОВСКИ ГИ НАРЕЧЕ СЛОБОДНИ ЈАВАЧИ, ЛЕКАРИТЕ МУ ОДГОВОРИЈА Многу би ви бил благодарен
Фото: Принтскрин

Изјавата на министерот за здравство Сашо Клековски, кој лекарите што јавно коментираат за состојбата со водата во Гостивар ги нарече „слободни јавачи на епидемијата“, предизвика остри реакции во медицинската јавност. Клековски на прес-конференција ги повика граѓаните да ги следат исклучиво официјалните информации и препораките од надлежните институции, а не советите од лекари кои не се епидемиолози или инфектолози.

„Би замолил да нема слободни јавачи на епидемијата. Гледам и доктори кои не се, условно кажано, епидемиолози и инфектолози, даваат различни совети и мислења. Знам дека вакви состојби се популарни за кликови и собирање лајкови, но би замолил граѓаните да ги следат службените упатства и официјалните канали“, изјави Клековски.

На неговата изјава реагираше микробиологот д-р Никола Пановски, кој преку социјалните мрежи порача дека, доколку неговите јавни настапи се проблем, министерот треба да ги упати медиумите да не го бараат за мислења и совети.

„Јавно го замолувам министерот за здравство да ги предупреди медиумите да не ме бараат повеќе за совети и изјави. Од денес нека си бараат исклучиво епидемиолози и инфектолози. Многу би ви бил благодарен“, напиша Пановски.

Тој потсети и на своите претходни јавни ставови во врска со состојбата во Гостивар, наведувајќи дека повикот за прогласување епидемија, според него, бил прифатен со задоцнување, како и дека се залагал резултатите од анализите на водата веднаш да бидат објавени. Пановски воедно постави прашање зошто лица кои не се лекари даваат изјави и „хипотетично“ коментираат за присуство на фекални бактерии.

Во полемиката се вклучи и онкологот Милан Ристески. Тој се осврна на можните долгорочни последици од изложеноста на одредени бактерии, посочувајќи дека некои соеви на Escherichia coli, како и одредени видови на Klebsiella, Citrobacter и Enterobacter, според научните сознанија, можат да бидат поврзани со ризици по здравјето, но дека ваквите ефекти зависат од повеќе фактори и долготрајна изложеност.

Ристески порача дека неговата анализа не е објавена „заради лајкови“, туку како став посветен, како што наведе, „на сите колеги кои полагале и положиле микробиологија, инфективно и епидемиологија без врски и без непотистичко влијание“.

Со свој став се огласи и клиничкиот токсиколог д-р Нико Беќаровски, кој, во контекст на зголемените концентрации на арсен во водата во Валандово, им упати препораки на граѓаните. Беќаровски оцени дека краткорочната изложеност на измерените концентрации не претставува акутен здравствен ризик и дека нема причина за паника, но предупреди дека долготрајната изложеност може да има сериозни последици по здравјето.

„Нема апсолутно никаква потреба од паника и страв, но ако резултатите се континуирано високи, мора да се најде причината или да се обезбеди алтернативен извор за граѓаните“, напиша тој.

Полемиката меѓу министерот и дел од медицинската фела се одвива во период кога јавноста со големо внимание ги следи случувањата поврзани со квалитетот на водата во Гостивар. Додека дел од лекарите сметаат дека имаат професионална и морална обврска јавно да ги споделуваат своите стручни мислења, Министерството за здравство инсистира граѓаните да се информираат преку официјалните институционални канали и да ги следат препораките на надлежните здравствени служби.

CATEGORIES
TAGS
Share This