КИРИИТЕ ПОЛУДУВААТ НИЗ ЕУ – Во некои земји растат двоцифрено, а една земја руши сите рекорди
Некои земји бележат двоцифрена инфлација на кириите.

Трошоците за домување во Европската Унија во просек сочинуваат околу една петтина од приходите на домаќинствата, покажуваат податоците на Евростат. Во одредени земји овој товар е значително повисок, па во Грција достигнува и до 35 проценти.
Во последните години се бележи континуиран раст на цените на кириите, што дополнително го оптоварува животниот стандард на граѓаните. Во 2025 година, просечниот раст на кириите во ЕУ изнесуваше 3,1 процент, но разликите меѓу земјите се големи и во некои случаи инфлацијата достигна двоцифрени стапки.
Високите каматни стапки на станбените кредити придонесуваат сè повеќе домаќинства да се насочуваат кон изнајмување наместо купување станови.
На ниво на ЕУ, највисок раст на кириите е забележан во Хрватска со 17,6 проценти, по што следуваат Грција (10 проценти), Унгарија (9,8 проценти), Бугарија (9,6 проценти) и Романија (8,2 проценти). Најнизок раст е регистриран во Финска со само 1 процент, а под просекот се и Луксембург, Малта, Словенија, Германија, Данска, Франција и Шпанија.
Меѓу поголемите економии, Италија е единствената со раст над европскиот просек, но и тој останува релативно умерен.
Кога се вклучуваат и земјите-кандидатки за членство во ЕУ и членките на ЕФТА, Турција се издвојува со највисока инфлација на кириите од дури 77,6 проценти. По неа следува Црна Гора со 18,5 проценти.
Во Источна Европа и на Балканот генерално се забележува посилен раст на цените на кириите, што се поврзува со зголемената побарувачка и развојот на краткорочниот и долгорочниот наем, особено во туристички атрактивни земји.
Македонија, според податоците, бележи релативно умерен раст од 3,3 проценти.
