КЕНТ ПРОГОВОРИ ЗА ИРАН- ФБИ реагира со истрага против него за доверливи информации
Поранешниот директор тврди дека клучни одлуки биле донесувани без вистинска дебата во Белата куќа

Оставката на Џо Кент, еден од највисоките американски претставници за борба против тероризмот, доби драматичен пресврт откако ФБИ отвори истрага против него.Ова истражно биро започнало постапка поради сомнеж дека Кент овозможил протечување на класифицирани информации. Истрагата, според извештаи на медиуми, му претходела на неговото повлекување од функцијата директор на Националниот центар за борба против тероризмот, каде што бил одговорен за анализа на глобалните закани.
ФБИ засега одбива да даде официјален коментар за случајот.
Веста за истрагата се совпадна со првото медиумско појавување на Кент по неговото заминување од функцијата. Во интервју кај Такер Карлсон, тој изнесе сериозни критики за процесот на донесување одлуки во Белата куќа.
Според него, клучни лица биле исклучени од дискусиите што довеле до американските воздушни напади врз Иран на 28 февруари.
„Немаше вистинска дебата“, изјави Кент, посочувајќи дека претседателот Доналд Трамп се потпирал на тесен круг советници, игнорирајќи спротивставени мислења.
Кент исто така тврдеше дека нема разузнавачки докази дека Иран претставувал непосредна закана за САД. Наместо тоа, посочи дека одлуката за напад била под силно влијание на Израел.
Тој директно го спомена израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, тврдејќи дека израелски претставници лобирале со информации кои не се поклопувале со американските разузнавачки податоци.
Овие изјави предизвикаа остри реакции во јавноста, при што дел од критичарите оценија дека реториката се доближува до стереотипи и проблематични наративи.
Кент нагласи дека САД и Израел имаат различни стратешки цели во однос на Иран. Според него, Вашингтон не се стреми кон промена на режимот, додека Израел, како што тврди, отворено ја поддржува таа опција.
Кент изјави дека одлучил да се повлече кога станало јасно дека неговите предупредувања нема да бидат земени предвид.
„Не можам со чиста совест да бидам дел од ова“, порача тој.
Директорката на Националното разузнавање, Тулси Габард, изјави дека проценката дали Иран претставува закана е исклучиво во надлежност на претседателот.
Од друга страна, Трамп остро ја критикуваше оставката, нарекувајќи ја „слаба“ и потенцирајќи дека Иран претставува сериозна закана за САД.
Кент е поранешен припадник на специјалните сили „Зелени беретки“, со 11 борбени мисии зад себе, по што се приклучил на ЦИА.
Во 2019 година доживеал лична трагедија кога неговата сопруга, која работела како криптолог во морнарицата, загинала во напад во Сирија.


