КЕЈН НА ЧЕКОР ДО ИСТОРИСКИ ПОДВДИГ Вечерва се доделува „Златната топка“

Хари Кејн е главен фаворит пред Килијан Мбапе и Ламин Јамал, а доколку триумфира, ќе стане првиот Англичанец по 25 години што го освоил најпрестижното индивидуално фудбалско признание.

КЕЈН НА ЧЕКОР ДО ИСТОРИСКИ ПОДВДИГ Вечерва се доделува „Златната топка“
Фото: Принтскрин

Церемонијата за доделување на престижната „Златна топка“ вечерва ќе се одржи во лондонскиот „Паладиум“, со почеток во 21 часот. Според најавите, ова ќе биде првпат свеченоста да се организира надвор од Франција.

Во центарот на вниманието е напаѓачот на Баерн Минхен, Хари Кејн, кој важи за главен кандидат за признанието, пред француската ѕвезда Килијан Мбапе и младиот шпански талент Ламин Јамал.

Кејн зад себе има исклучително успешна сезона, во која постигна 73 гола, третпат последователно ја освои титулата најдобар стрелец во Бундеслигата и со Баерн Минхен стигна до шампионскиот трофеј во Германија.

Доколку вечерва биде прогласен за најдобар фудбалер, англискиот репрезентативец ќе испише историја како прв Англичанец по Мајкл Овен, кој во 2001 година го доби ова престижно признание.

Сепак, конкуренцијата е силна. Килијан Мбапе влегува во трката со статус на најдобар стрелец на Светското првенство, додека Ламин Јамал има можност да постави историски рекорд и да стане најмладиот освојувач на „Златната топка“.

За добитникот одлучуваат спортски новинари од 100 земји, кои ги оценуваат индивидуалните настапи и постигнувања на фудбалерите во периодот од 3 август 2025 до 19 јули 2026 година.

Покрај главното признание, на свеченоста ќе бидат врачени вкупно 13 награди, вклучувајќи ги и оние за најдобар млад фудбалер, голман, напаѓач и тренер.

Минатогодишен освојувач на „Златната топка“ е Усман Дембеле, додека апсолутен рекордер останува аргентинската легенда Лионел Меси, кој во својата кариера осумпати го освојувал најпрестижното индивидуално признание во светскиот фудбал.

Вечерва погледите на фудбалската јавност ќе бидат насочени кон Лондон, каде што ќе се дознае дали Кејн ќе ја прекине 25-годишната англиска суша или престижниот трофеј ќе заврши во рацете на Мбапе или Јамал.

CATEGORIES
Share This