ФРАНЦИЈА БАРА ИЗЛЕЗ ОД ЌОР-СКОКАКОТ Ле Риголер проговори за тајните разговори, илузиите и можниот договор меѓу Скопје и Софија“

Францускиот амбасадор Кристоф Ле Риголер порача дека Париз е подготвен да помогне во обновувањето на довербата меѓу Македонија и Бугарија, оценувајќи дека тоа е клучно за деблокирање на македонските евроинтеграции.

ФРАНЦИЈА БАРА ИЗЛЕЗ ОД ЌОР-СКОКАКОТ Ле Риголер проговори за тајните разговори, илузиите и можниот договор меѓу Скопје и Софија“
Фото: Принтскрин

Франција е подготвена да помогне во обновувањето на дијалогот меѓу Македонија и Бугарија, во согласност со модалитетите што би биле прифатливи за двете страни. Ова го порача францускиот амбасадор во земјава, Кристоф Ле Риголер, нагласувајќи дека враќањето на меѓусебната доверба меѓу Скопје и Софија е еден од клучните предуслови за напредок на македонските евроинтеграции.

Во интервју за емисијата „Европат“ на ТВ 24, амбасадорот истакна дека Франција, заедно со други земји членки на Европската Унија, останува силно посветена на изнаоѓање решение за надминување на застојот во пристапниот процес на Македонија.

„Целта е да се обнови дијалогот на доверба меѓу Скопје и Софија. Тоа е многу важно. Мислам дека двете страни треба да се посветат на тоа. Тоа е важно за нас како Европејци. Имаме потреба од обновување на довербата меѓу двата града, бидејќи тоа е клучен елемент за иднината на евроинтеграциите на Северна Македонија“, изјави Ле Риголер.

Според него, Франција е подготвена да го олесни процесот на комуникација меѓу двете земји, но начинот на кој би се одвивал таквиот дијалог треба да биде усогласен со Скопје и Софија.

Осврнувајќи се на шпекулациите за можни дипломатски разговори и иницијативи надвор од очите на јавноста, францускиот амбасадор посочи дека во оптек има многу идеи, но и илузии и фантазии. Тој не можеше да потврди дали Европската комисија директно ќе се вклучи во евентуалните разговори, но нагласи дека Франција и голем број други земји членки се решени да помогнат Македонија да излезе од евроинтеграцискиот ќор-сокак.

Според Ле Риголер, различните идеи што се појавуваат во јавноста се дел од обидите да се отворат можности за надминување на постојните пречки.

Во интервјуто францускиот амбасадор се осврна и на случајот со Ива Михаилова, испраќајќи порака дека во фокусот мора да остане остварувањето на правдата. Тој нагласи дека, со оглед на тоа што случајот вклучува жртва, најважно е правдата да биде задоволена и најблиските да добијат соодветна правна разрешница.

Со своите пораки, Ле Риголер ја потврди подготвеноста на Франција да придонесе за обновување на комуникацијата меѓу Скопје и Софија, без притоа да најави конкретен дипломатски механизам или формално посредување.

CATEGORIES
Share This