КАМЕРИ ШТО СПАСУВААТ ЖИВОТИ Нови мерки за безбедност во сообраќајот

Системот ја регистрира брзината и прекршоците автоматски и непристрасно

КАМЕРИ ШТО СПАСУВААТ ЖИВОТИ Нови мерки за безбедност во сообраќајот
Фото: Национал

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска изврши теренска посета на локација каде што се спроведува финалната проверка и верификација на паметниот систем за автоматска детекција на брзината на движење на возилата, кој е дел од проектот за унапредување на безбедноста во сообраќајот.

Како што информираше министерот, станува збор за систем што Министерството за внатрешни работи го развиваше во изминатиот период со цел намалување на бројот на сообраќајни незгоди, повредени лица и загубени човечки животи. Во рамки на тест-фазата се проверуваат квалитетот и јасноста на снимките, прецизноста при читањето на регистарските таблички, како и точноста на податоците што ги регистрира системот.

„Според стручните служби вклучени во процесот на верификација, утврдените отстапувања во мерењето на брзината се минимални и значително под законски дозволената толеранција, што гарантира висока сигурност и доверливост на системот“, нагласи Тошковски.

Министерот истакна дека со воведувањето на овој систем се поставуваат повисоки стандарди за безбедност во сообраќајот, со јасна цел и помалку сообраќајни незгоди, помалку повредени и повеќе спасени човечки животи.

Во првата фаза, камерите ќе бидат ставени во функција на локации со зголемен ризик, додека во текот на годината системот постепено ќе се проширува на територијата на целата држава. Истовремено, ќе бидат активирани и возила на МВР опремени со мобилни камери, кои ќе дејствуваат особено на таканаречените „црни точки“ на патната мрежа.

„Системот функционира автоматски и непристрасно – камерата не прави разлика меѓу луѓе, туку евидентира прекршок. Законот важи еднакво за сите, а безбедноста на граѓаните е наш врвен приоритет“, порача министерот Тошковски.

Од Министерството за внатрешни работи посочуваат дека примената на системот веќе покажува позитивни ефекти, особено во насока на зголемена сообраќајна дисциплина и намалување на ризиците на патиштата.

CATEGORIES
Share This