ИЗНЕНАДУВАЧКИ ПРЕСВРТ ОД ДАВОС – Трамп и НАТО со договор за Гренланд
Рамковниот договор опфаќа противракетна одбрана, минерални ресурси и повлекување на царинските закани

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, изјави дека во Давос постигнал рамковен договор за Гренланд со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, кој предвидува соработка меѓу САД и европските сојузници во областа на противракетната одбрана и експлоатацијата на минерални ресурси на островот.
Според Трамп, договорот ќе вклучува заедничко учество во американскиот систем за противракетна одбрана „Златна купола“, како и пристап до „минералните права“ во Гренланд.
„Тие ќе бидат вклучени во Златната купола и ќе бидат дел од минералните права, исто како нас“, изјави Трамп во интервју за CNBC.
На прашањето колку долго би траел договорот, Трамп одговори кратко: „Засекогаш“.
Трамп повтори дека се откажал од плановите за воведување казнени царини за европските земји кои се спротивставуваа на неговите намери за Гренланд, откако, како што рече, бил постигнат „концептуален договор“.
„Имаме концепт за договор. Мислам дека ќе биде многу добар и за Соединетите Американски Држави и за нив. Малку е сложено, но ќе го објасниме подоцна“, рече Трамп.
Тој повтори дека за договорот разговарале тој, генералниот секретар на НАТО и „некои други луѓе“.
Претходно, Трамп на својата мрежа Truth Social напиша дека со Марк Руте „формирале рамка за иден договор за Гренланд“ и дека нема да ги воведе најавените царини за одредени европски земји.
Потсетуваме дека говорот на Трамп на Светскиот економски форум во Давос внимателно бил следен од дипломати и функционери во Брисел, особено делот што се однесува на Гренланд, објавува Politico.
Настапот дојде во период на засилени трансатлантски тензии, само еден ден пред состанокот на лидерите на ЕУ, закажан за разгледување на можниот одговор на заканите на Трамп со тарифи доколку Данска не ја отстапи контролата врз Гренланд.
„Ниту една нација или група на нации не е во позиција да го обезбеди Гренланд освен САД“, изјави Трамп, додавајќи дека нема намера да користи сила. „Не морам да користам сила, не сакам да користам сила и нема да користам сила.“
Иако за првпат експлицитно ја исклучи воената интервенција, изјавите не ги смирија целосно европските дипломати. Еден дипломат на ЕУ, кој зборуваше анонимно, изјави дека по говорот на Трамп ништо не може целосно да се исклучи.
„Сè се сведува на тоа колку доверба имате во тие зборови. Не мислам дека некој би исклучил нешто по овој говор“, рече тој.
И покрај тоа, поддржувачите на силен европски одговор остануваат на ставот дека состанокот на лидерите на ЕУ е неопходен.
„Секогаш е корисно лидерите да бидат заедно, особено по ваков викенд“, изјави друг европски дипломат.

