ИСТОРИСКИ МОМЕНТ ВО ЗАТВОРСКАТА ПОЛИТИКА – 79 годишен осуденик од Велес прв под електронски надзор

Пандов нагласи дека државата плаќа повеќе од 2.000 денари дневно за еден затвореник и дека со воведувањето на алките ќе се овозможат заштеди и поефикасен систем на извршување санкции.

ИСТОРИСКИ МОМЕНТ ВО ЗАТВОРСКАТА ПОЛИТИКА – 79 годишен осуденик од Велес прв под електронски надзор
Фото: Принтскрин

Првиот осуденик кој ќе ја носи електронската алка во Македонија е 79-годишен жител на Велес. Тој е осуден на три месеци куќен затвор за полово вознемирување, по член 190-а, став 2 од Кривичниот законик. Казната ќе ја издржува во својот дом под електронски надзор.

Од Управата за извршување санкции велат дека пресудата ја донел велешкиот суд и дека барањето на осуденикот за одложување на казната било одбиено. Во наредниот период ќе биде подготвена индивидуална програма од пробациски службеник, по што ќе му биде поставена опремата за електронски надзор.

Ова е прва ваква мерка во државата, која беше најавена уште во мај од директорот на Управата, Александар Пандов. Тој посочи дека електронските алки имаат големо значење за намалување на пренатрупаноста во затворите, каде моментално има околу 2.300 затвореници и 400 притвореници, а во дел од установите капацитетот е над 100%.

Правото на алка го имаат три категории осуденици: стари и изнемоштени лица, бремени жени или мајки со мали деца, како и тешко болни или лица со инвалидитет. До сега, 60 осуденици аплицирале за оваа можност.

За потребите на овој систем формирано е посебно одделение за електронски надзор. Алката функционира преку рутер со вградена СИМ-картичка – доколку осуденикот се оддалечи од дозволениот периметар или ја помести опремата, сигналот се активира и се алармира Управата. Ако осуденикот не одговори на повикот, се контактира негово блиско лице, а доколку и тоа изостане, се известува полицијата.

Пандов нагласи дека државата плаќа повеќе од 2.000 денари дневно за еден затвореник и дека со воведувањето на алките ќе се овозможат заштеди и поефикасен систем на извршување санкции.

CATEGORIES
Share This