ИСТОРИСКИ МОМЕНТ – Прв етимолошки речник на македонскиот јазик
Речникот ја отсликува историјата и културолошката дефинираност на македонскиот јазик

Објавен е првиот том од „Македонскиот етимолошки речник“ (А-Ж), автор д-р Гоце Цветановски, научен советник во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје. Првиот том обфаќа 650 страници со 2.351 обработен заглавен збор, а ако се вклучат и етимолошките и деривациските гнезда, бројот на зборови се зголемува на околу 10.000. Издавач е Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.
Директорката на Институтот, проф. д-р Елена Јованова-Грујовска, на прес-конференција истакна дека објавувањето на „Македонскиот етимолошки речник“ е голем успех за институцијата и за македонскиот јазик.
– „Овој речник е прв ваков на македонскиот јазик и за македонскиот народ. Првиот том го гледате пред нас. Тоа е резултат на години работа во Институтот и дел од поширок проект ‘Етимолошки речник на македонскиот јазик’. Годинава Министерството за образование и наука го препозна проектот како национален и го финансираше целосно“, рече Јованова-Грујовска.
Авторот, д-р Гоце Цветановски, организирал тим кој веќе работи на Тезаурусен речник, со цел да се пополни празнината и македонскиот јазик да се најде во кругот на словенските јазици со свои етимолошки речници.
„Денес македонскиот јазик има свој етимолошки речник и го фативме чекорот со другите словенски народи“, нагласи директорката.
Цветановски изрази благодарност до Министерството за образование и наука и министерката Весна Јаневска.
„Рецензентите, д-р Николај Антропов и академик Марјан Марковиќ, оцениле дека го надминавме првичниот концепт. Почетната замисла беше скромен прирачен речник, но ентузијазмот резултираше со капитално дело на пет тома, кое ќе ги опфати основниот лексички фонд, дијалектите, архаизмите, интернационализмите, турцизмите и дел од балканскиот јазичен супстрат“, објасни Цветановски.
Тој додаде дека во речникот првпат се прикажани етимолошки толкувања на зборови кои ги нема во другите словенски и балкански речници, како на пример македонскиот збор „бран“.
„Со ова дело македонскиот јазик веќе не е меѓу јазиците без свој етимолошки речник. Етимологијата ги отсликува историјата на јазикот и народот, културолошката дефинираност, позајмувањата и историските периоди кога одреден јазик имал престиж, потенцира Цветановски.
Од Институтот нагласуваат дека „Македонскиот етимолошки речник“ претставува научно втемелено сведоштво за историскиот развој на македонскиот јазик, нуди аргументирана анализа на потеклото на зборовите и ги вградува во поширок словенски и индоевропски контекст. Речникот е значаен за јакнење на научната и културната самосвест и претставува трајно дело од македонското културно и научно наследство.


