ИСТОРИСКА НОЌ ВО ОХРИД Жената чии зборови го воодушевија светот доби „Златен венец“

Холандската поетеса Анеке Брасинга во Охрид го прими највисокото признание на Струшките вечери на поезијата и порача дека поезијата е сила што го одржува човештвото.

ИСТОРИСКА НОЌ ВО ОХРИД Жената чии зборови го воодушевија светот доби „Златен венец“
Фото: Принтскрин

Во црквата „Света Софија“ во Охрид синоќа се одржа традиционалното поетско претставување на добитничката на највисокото признание на Струшките вечери на поезијата – „Златен венец“ за 2026 година, холандската поетеса Анеке Брасинга. На свеченоста присуствуваше и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

За творештвото на Брасинга говореше Бас Квакман, поранешен долгогодишен директор на Меѓународниот поетски фестивал во Ротердам, кој ја нарече „јазична волшебничка на холандската поезија“. Тој истакна дека Струшките вечери на поезијата се еден од најзначајните светски фестивали и потсети дека „Златниот венец“ низ годините им бил доделен на поетски великани како Пабло Неруда, В. Х. Оден, Ален Гинсберг, Јосиф Бродски, Тед Хјуз и Маргарет Атвуд.

Квакман нагласи дека Брасинга била искрено изненадена кога дознала дека е добитничка на ова признание, како и од фактот што повеќе од 150 нејзини песни се преведени на македонски и англиски јазик.

Во своето обраќање тој потсети дека Брасинга првично не планирала да стане поетеса. Наместо тоа, се посветила на книжевниот превод, преведувајќи дела од Владимир Набоков, Херман Мелвил, Џорџ Орвел, Самјуел Бекет, Марсел Пруст, Силвија Плат и многу други автори. Токму преку преведувањето, рече Квакман, таа постепено го пронашла сопствениот поетски глас.

Посебни пофалби упати и до преведувачката Ели Пујовска, оценувајќи дека со голема умешност и чувствителност успеала да ја пренесе сложеноста на поезијата на Брасинга на македонски јазик.

Во својот говор, лауреатката се осврна на моќта на поезијата во современиот свет, прашувајќи дали таа може да помогне човештвото да се спротивстави на хаосот, војните и поделбите.

„Да пишувам поезија за мене значи да имам живот. Не затоа што ми носи леб, туку затоа што ми овозможува да дишам“, рече Брасинга.

Таа истакна дека јазикот и поезијата создаваат простор во кој луѓето можат да се сретнат како еднакви, без насилство и конкуренција, преку искрен дијалог и меѓусебно разбирање.

„Се собравме овде заедно да ја славиме поезијата – таа невидлива сила што носи виталност, слобода и радост. Верувам дека токму таа ќе ни помогне да опстоиме и да го сочуваме светот за идните генерации“, порача добитничката на „Златниот венец“.

Свеченоста беше дел од програмата на 65. издание на Струшките вечери на поезијата, еден од најреномираните меѓународни поетски фестивали.

CATEGORIES
Share This