ИРАН САКА ПРЕГОВОРИ – Трамп се согласува, требаше порано да го направат тоа
Претседателот Трамп најави разговори со иранските лидери, без точен датум

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е подготвен да разговара со иранските лидери, но не прецизираше кога би можеле да започнат тие разговори. Тој тврди дека голем дел од раководството на Иран е убиено во заедничките американско-израелски напади врз земјата.
„Тие сакаат да разговараат и јас се согласив. Ќе разговарам со нив. Требаше тоа да го направат многу порано“, изјави Трамп, чии зборови ги пренесе американското списание The Atlantic.
Трамп додаде дека Иран ја пропуштил можноста за, како што рече, „практично и лесно решение“.
„Требаше порано да го прифатат тоа што им беше понудено. Чекаа предолго“, истакна американскиот претседател.
На прашањето кога би можеле да се одржат евентуалните разговори, Трамп кусо одговори:
„Не можам да ви кажам.“
Претходно денес, Трамп изјави дека досега се убиени 48 ирански лидери, вклучувајќи високи цивилни и воени функционери, како резултат на нападите на Соединетите Американски Држави и Израел.
„Никој не можеше да поверува во успехот што го постигнавме. Четириесет и осум лидери исчезнаа со еден удар, а операцијата се одвива многу брзо“, рече Трамп во интервју за Fox News.
Вчера, САД и Израел започнаа координирани напади врз Иран, при што, според официјалните тврдења, биле убиени врховниот лидер на Иран Али Хамнеи, поранешниот ирански претседател Махмут Ахмадинеџад, како и голем број високи функционери на Корпус на Исламската револуционерна гарда и цивилни лидери.


