ИНТЕРПЕЛАЦИЈА ЗА ТОШКОВСКИ Политички поени или вистинска одговорност?
Дебатата заврши без изненадувања, но и без конкретни одговори на клучните прашања поврзани со трагедиите и безбедносните пропусти.

Собранието во текот на денот беше поприште на жестока дебата помеѓу власта и опозицијата, фокусирана околу барањето за интерпелација на министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски. Расправата траеше речиси цел ден, а политичките партии меѓусебно се обвинуваа за одговорност околу низа контроверзии и инциденти.
Во интерпелацијата се наведени десет точки, од кои половината се однесуваа на трагедијата во Кочани и пожарот во дискотеката „Пулс“. Останатите точки ги опфатија скандалот со поставувањето на знамиња со мотиви на марихуана во Карбинци и обезбедувањето на премиерот Христијан Мицкоски.
Тошковски ги отфрли обвинувањата како „ситно политичко поентирање“, истакнувајќи дека нема селективна правда и дека институциите постапиле неселективно. Тој додаде дека сите инволвирани во трагедијата во Кочани се приведени и обработени во согласност со законот.
Пратениците од СДСМ упатија критики кон работата на министерот, посочувајќи и на последниот инцидент со братот на градоначалникот на Гази Баба. Европскиот фронт, пак, оцени дека многу прашања поврзани со трагедијата во Кочани остануваат без одговор и дека јавноста заслужува транспарентност.
Парламентарното мнозинство застана во одбрана на Тошковски, тврдејќи дека институциите постапиле навремено и одговорно. Ова е втора интерпелација за министерот, откако првата – поднесена од Европскиот фронт – не доби доволна поддршка за смена.
Дебатата заврши без изненадувања, но и без конкретни одговори на клучните прашања поврзани со трагедиите и безбедносните пропусти.


