ИНФАНТИНО НЕ СЕ ПОВЛЕКУВА Претседателот на ФИФА оди по нов мандат до 2031 година
И покрај притисоците и барањата за оставка, ФИФА потврди дека Џани Инфантино ќе се кандидира за реизбор во 2027 година.

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, ќе се кандидира за нов мандат на чело на Меѓународната фудбалска федерација на изборите во 2027 година, потврди организацијата.
Инфантино ја предводи ФИФА од 2016 година, а доколку биде реизбран, ќе добие нов мандат кој би траел до 2031 година.
И покрај притисоците и повиците за негова оставка, Инфантино останува решен да се бори за уште еден мандат, очигледно уверeн дека сè уште ја има потребната поддршка од членките на федерацијата.
„Претседателот на ФИФА уште во април објави дека ќе биде кандидат за реизбор во 2027 година. Тоа, секако, не се променило. Г-дин Инфантино ќе биде кандидат за реизбор“, соопшти ФИФА.
Организацијата сега повторно ги актуелизираше претстојните претседателски избори, кои ќе бидат први по завршувањето на Светското првенство.
Инфантино, сепак, во последниот период е значително повоздржан во јавните настапи. Тој не сакаше да зборува на оваа тема при отворањето на Светското првенство за играчи до 20 години.
Крајниот рок за поднесување кандидатури за претседател на ФИФА е 18 ноември.

