ИМ КАЖАЛЕ ОДНАПРЕД, НО НЕ ПОСЛУШАЛЕ Пустец ја прекинува соработката со ВМРО-ДПМНЕ Албанија по скандалот со химната
Колефски открива дека организаторите однапред биле предупредени дека со македонската химна мора да биде изведена и албанската.

Скандалот со неизведувањето на албанската химна на настанот во Пустец добива епилог. Општина Пустец ќе ја прекине соработката со Здружението ВМРО-ДПМНЕ Албанија, кое, според градоначалникот Пали Колефски, било организатор на настанот од 20 август на кој присуствуваше и премиерот Христијан Мицкоски.
На церемонијата беше изведена македонската химна, но албанската не. Случајот предизвика жестоки реакции во Албанија, а сега градоначалникот открива дека пропустот, според неговата верзија, не бил ненадеен ниту непредвидлив.
Колефски за „Albanian Post“ тврди дека Општина Пустец однапред ја побарала програмата на настанот и јасно им укажала на организаторите што треба да се направи доколку биде интонирана македонската химна. Пораката, според него, била недвосмислена и ако се изведува химната на Северна Македонија, мора да биде изведена и Националната химна на Република Албанија.
Од Општината велат дека организаторите го прифатиле ова барање. Сепак, кога започнала церемонијата, македонската химна била изведена, а албанската изостанала. Токму овој момент сега е во центарот на спорот.
Градоначалникот Пали Колефски категорично ја отфрла одговорноста на локалната самоуправа. Според него, Општина Пустец не го организирала настанот и немала контрола врз неговата церемонијална и протоколарна содржина. Организацијата, програмата и протоколот биле во надлежност на Здружението ВМРО-ДПМНЕ Албанија.
„Нејзиното неспроведување за време на директниот тек на програмата беше дејство што не беше предвидено и што не беше под организациска контрола на Општината“, наведува Колефски.
Градоначалникот вели дека присуствувал на настанот за да му оддаде почит на македонскиот премиер. Но, откако Мицкоски го напуштил настанот, Колефски го напуштил и фестивалот. Причината – протест поради случувањата.
Од Општината испраќаат и поширока порака. Пустец е општина во Република Албанија, но во неа македонската заедница е мнозинство. Македонскиот јазик и културниот идентитет се силно присутни во јавниот живот. Токму затоа, според Колефски, почитувањето на македонскиот идентитет и почитувањето на албанските државни симболи не треба да се претставуваат како две спротивставени работи.
„Почитувањето на културниот идентитет на заедницата и почитувањето на националните симболи на Република Албанија се принципи кои соживуваат и мора да се почитуваат во секој јавен настан“, вели тој.
Пораката е дека македонската заедница треба да може да го негува својот јазик, традиција и идентитет, но јавните настани во Албанија истовремено треба да ја почитуваат и државната рамка на земјата.
По скандалот, Општина Пустец нема само да бара објаснување. Колефски најавува целосен прекин на соработката со Здружението ВМРО-ДПМНЕ Албанија. Општината ќе побара официјално објаснување зошто не било испочитувано она што претходно било договорено за изведувањето на химните.
А за во иднина протоколот ќе биде под поголема контрола. За сите јавни настани што ќе се одржуваат во Пустец, особено оние со официјални гости, Општината однапред ќе ја бара целосната програма и агенда.
Она што на 20 август започна како протоколарен пропуст, сега прерасна во отворен институционален конфликт со организаторот. Од Општина Пустец велат дека однапред предупредиле, организаторот го прифатил барањето, но на крајот албанската химна не била изведена. Сега следува прекин на соработката.
Пустец, пак, останува специфичната точка на Балканот каде што македонскиот идентитет и јазик живеат во рамките на Република Албанија. Токму затоа, според Колефски, решението не е изборот на едниот идентитет на сметка на другиот.
„Мора да се почитуваат и двете“ е пораката на градоначалникот по скандалот со химната.

