ИЈЗ – 38 случаи на западнонилска треска, четири лица починаа
Здравствените власти продолжуваат со авионска и терестичка дезинсекција во Скопје и околните општини.

Четири лица починаа од западнонилска треска во Македонија, а заклучно со 18 август се регистрирани вкупно 38 случаи, од кои 36 се потврдени и два се водат како веројатни, соопшти Институтот за јавно здравје.
Најголем дел од заболените, односно 37 лица, се од скопскиот регион, додека еден случај е регистриран во Велес. Од вкупниот број заболени, 28 се мажи, а 10 се жени. Четворицата починати се мажи на возраст од 62 до 83 години од Скопје, кои биле хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести. Кај тројца биле регистрирани и други заболувања. Сите четири смртни случаи се поврзани со невроинвазивна форма на болеста.
Само во периодот од 12 до 18 август се регистрирани 12 нови случаи, од кои три завршиле со смртен исход. За споредба, на 27 јули во земјава имало осум регистрирани случаи, седум потврдени и еден веројатен, што покажува значителен пораст на бројот на заболени за само три недели.
По прогласувањето епидемија во општините Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром и Бутел, продолжуваат засилените мерки за контрола на комарците. Се спроведуваат систематски и вонредни активности за ларвицидна и адултицидна дезинсекција, со авионски и терестички третмани во Скопје и во повеќе околни општини, меѓу кои Арачиново, Зелениково, Илинден, Петровец, Сопиште, Чучер Сандево и Велес. Дополнително се третираат и стоечки водени површини во засегнатите подрачја.
Во тек е и масовна СМС-кампања за информирање на населението. Планирано е да бидат испратени околу 38.500 пораки со препораки за заштита од убоди од комарци. На 18 август биле испратени 6.526 пораки, а преостанатите ќе се доставуваат постепено. Според надлежните, до 70 отсто од доставените пораки биле прочитани, а примачите го посетиле и линкот со дополнителни информации.
Здравствените власти апелираат граѓаните да ја отстрануваат стоечката вода од дворовите, редовно да ги чистат олуците, да постават заштитни мрежи на прозорците и вратите и да користат репеленти. Се препорачува и носење облека со долги ракави и панталони, како и избегнување подолг престој на отворено во зори и самрак, кога комарците се најактивни.
При појава на симптоми како висока температура, главоболка и вкочанетост на вратот, граѓаните треба веднаш да побараат лекарска помош и да го информираат лекарот доколку престојувале во засегнатите подрачја.
Од ИЈЗ информираат дека досега сезонава нема регистрирано деца заболени од западнонилска треска. Едно од заболените лица е на возраст меѓу 20 и 29 години.
Министерот за здравство Сашо Клековски изјави дека се преземаат сите расположливи мерки за справување со состојбата и најави за петок состанок со надлежните институции посветен на проблемот со застоените води.
Министерството за здравство најави дека ќе продолжи редовно да ја информира јавноста за епидемиолошката состојба и за превентивните активности.

