И ВЛАДАТА ПОТВРДИ Уапсен е возачот на Јанушев за примање поткуп

Од Владата велат дека осомничениот бил затекнат при примопредавање на 500 евра со претходно обележани парични средства.

И ВЛАДАТА ПОТВРДИ Уапсен е возачот на Јанушев за примање поткуп
Фото: Национал

По информацијата дека е уапсен возачот на генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев, поради сомнение за примање поткуп, се огласија и од Владата.

Оттаму потврдуваат дека лицето со иницијали Д.Ц. е лишено од слобода откако било затекнато при примање поткуп со претходно обележани парични средства.

„Ве известуваме дека лицето со иницијали Д.Ц. е уапсено за примање поткуп, на претходно обележани парични средства, по што е лишено од слобода. Првичната пријава за незаконскиот поткуп потекнува и е на иницијатива на институциите на кои им било пријавено барањето за поткуп“, соопштија од Владата.

Според информациите, на 4 септември 2026 година, осомничениот бил затекнат при примопредавање на 500 евра, како дел од претходно побараната сума од 1.500 евра. Парите биле претходно обележани за потребите на акцијата.

Од Владата посочуваат дека лицето во моментот на наводното незаконско дејствување работело како возач за потребите на Генералниот секретаријат на Владата. Претходно засновало работен однос во Службата за општи и заеднички работи на Владата, по постапка како и останатите вработени во институциите.

Акцијата била спроведена во соработка со службите на Министерството за внатрешни работи, при што биле обезбедени и претходно обележани парични средства.

Од Владата велат дека случајот е доказ за, како што наведуваат, определбата за бескомпромисна борба против корупцијата.

„Со овој случај се покажува дека законите важат за сите, се докажува волјата и целта на Владата да се бори против корупцијата. Со ова се подвлекува јасна граница помеѓу оние кои сакаат злоупотреби и сите други кои се борат против нив. Ова е уште еден пример како преку заедничка соработка на органите и институциите може да се спроведе правда“, велат од Владата.

CATEGORIES
TAGS
Share This