GTA 6 ПОВТРОНО ПРЕДИЗВИКУВА БУРА Хакерот што ги украде снимките е на слобода, а играчите пријавуваат проблеми со PS5
Младиот хакер кој украде и објави 90 снимки од долгоочекуваната Grand Theft Auto VI доби седум години затвор, но поради времето поминато во притвор веќе е ослободен.

Grand Theft Auto VI повторно се најде во центарот на вниманието на гејмерската јавност, но овојпат поради две различни случувања- големиот хакерски скандал со кој беа украдени снимки и изворен код од играта, како и пријавите за проблеми со работењето на конзолите PlayStation 5.
Арион Куртај (21), хакерот кој во 2022 година упадна во системите на Rockstar Games и објави 90 видеа од тогаш необјавената GTA 6, беше осуден на седум години затвор. Сепак, судот во Вулвич нареди негово ослободување, бидејќи времето што го поминал во притвор му било пресметано во казната.
Куртај ја презеде одговорноста за серија сериозни сајбер-напади извршени во периодот од август 2021 до септември 2022 година, додека сè уште бил малолетен. Како член на хакерската група Lapsus$, тој ги нападнал системите на Rockstar Games, BT/EE, Revolut и Uber.
При нападот врз Rockstar Games украл изворен код и снимки од GTA 6, а дел од материјалите ги објавил на интернет под корисничкото име „TeaPotUberHacker“. Притоа се заканил дека ќе го објави и изворниот код доколку компанијата не стапи во контакт со него.
Неговите активности не завршиле тука. При нападите врз BT и EE предизвикал зголемување на неовластените замени на СИМ-картички, со што криминалците можеле да преземат контрола врз телефонските повици и пораките на жртвите, како и да добијат пристап до нивните банкарски и профили на социјалните мрежи.
При упадот во Revolut биле компромитирани податоците на илјадници корисници, додека нападот врз Uber вклучувал кражба на чувствителни информации и бришење бази на податоци и сметки од внатрешните системи. Штетата била проценета на повеќе од 2,8 милиони долари.
Додека хакерскиот скандал сè уште се поврзува со една од најголемите игри во историјата на гејминг-индустријата, на социјалните мрежи се појавија и пријави за технички проблеми при нејзиното користење на PlayStation 5.
Според објави на Reddit и X, одредени играчи пријавуваат ненадејно исклучување на конзолите, враќање на почетниот екран, па дури и бесконечни циклуси на рестартирање, придружени со кодот за грешка CE-108255-1.
Едно од можните објаснувања се однесува на системот за ладење на PS5, кој користи течен метал за пренос на топлината. Доколку тој се распредели нерамномерно или се помести, може да дојде до послаб контакт и намалена ефикасност на ладењето, што би можело да предизвика прегревање на процесорскиот чип при големо оптоварување.
Дополнителен аргумент за високите хардверски барања е и ограничувањето на перформансите на PlayStation 5 Pro, на кој играта, според наводите, работи со 30 FPS.
Како можни привремени решенија, дел од корисниците го посочуваат стартувањето на конзолата во Safe Mode и обновувањето на базата на податоци. Сепак, овие постапки не ги решаваат проблемите кај сите играчи. Иако Sony во минатото правеше хардверски измени и подобрувања на системот за ладење на PS5, сè уште нема потврдени информации дека токму течниот метал е причина за пријавените проблеми.
Засега, ниту Sony ниту Rockstar Games немаат објавено официјално соопштение со кое би ги потврдиле причините за наводните дефекти. Така, GTA 6 повторно е во центарот на вниманието – прво поради хакерскиот упад кој откри дел од играта пред нејзиното официјално претставување, а сега и поради прашањата за нејзините технички барања и стабилноста на конзолите.

