СЕ РАСПАЃА СТУДЕНТСКОТО СОБРАНИЕ НА УКИМ Шест факултети се повлекуваат и обвинуваат за притисоци и тајни договори
Шест факултети ги повлекуваат своите делегати, го оспоруваат легитимитетот на сегашниот состав и обвинуваат за притисоци, тајни договори и распределба на функции зад затворени врати. Бараат нова постапка и повикуваат и другите факултети да им се приклучат.

Сериозни несогласувања го потресуваат студентското организирање на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Студентските собранија на шест факултети – ФЕИТ, ТМФ, ФИНКИ, ФДУ, ФЛФ и ФФОСЗ најавија дека ги повлекуваат своите делегати од Универзитетското студентско собрание (УСС УКИМ), оценувајќи дека неговиот сегашен состав не е легитимен.
Во заедничкото соопштение тие наведуваат дека постапката за верификација на мандатите не била спроведена според еднакви критериуми за сите, дека се прекршува Статутот на УСС УКИМ и дека факултетите немаат еднаква застапеност во универзитетските тела.
„Се оградуваме од работата на УСС УКИМ. Сегашниот состав на УСС УКИМ, според нас, не е легитимен“, наведуваат студентските собранија.
Шесте студентски собранија сметаат дека начинот на кој функционира сегашното раководство не одговара на принципите на демократско и транспарентно студентско организирање.
Особено остри се нивните забелешки за, како што тврдат, тајни постапки, притисоци, однапред договорени одлуки, наметнување лица и распределба на функции зад затворени врати.
„Тајни постапки, притисоци, однапред договорени одлуки, наметнување луѓе и распределба на функции зад затворени врати се спротивни на секој принцип на демократско и транспарентно студентско организирање“, се наведува во соопштението.
Според нив, ваквиот начин на работа е особено неприфатлив за студентско тело кое треба да ги претставува интересите на студентите на најстариот и најголемиот универзитет во државата, а притоа располага и со јавни средства.
Студентските собранија прашуваат до кога студентските тела ќе бидат простор за остварување лични интереси, наместо вистински глас на студентите. Тие бараат јавно преиспитување на мандатите, еднаква застапеност на сите факултети и спроведување нова, транспарентна постапка за конституирање на Универзитетското студентско собрание.
Истовремено, упатија повик до студентските собранија на останатите факултети да им се приклучат. Повлекувањето на делегатите од шест факултети отвора сериозно прашање за функционирањето и претставничкиот легитимитет на Универзитетското студентско собрание на УКИМ, како и за можноста за надминување на актуелниот конфликт во студентското организирање.

