ГОЛЕМО ЛЕСНУВАЊЕ ЗА ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ 400.000 евра остануваат кај тутунарите
Исплатата на субвенциите за минатогодишната реколта се очекува да заврши во наредните 15 дена.

Државата ја смени одлуката и тутунарите нема да мора да ги враќаат субвенциите за 2024 година. Според Сојузот на земјоделските здруженија, околу 90 производители биле известени дека првичната најава од Платежната агенција за враќање на средствата е повлечена. Станува збор за сума од приближно 300 до 400 илјади евра која ќе остане кај земјоделците.
Во меѓувреме, исплатата на субвенциите за минатогодишната реколта се очекува да биде целосно завршена во рок од околу две недели. Ова се случува во период кога завршува расадувањето на тутунот за годинашната сезона и пред почетокот на бербата.
Временските услови засега одат во прилог на производителите, а дел од нив веќе ги зголемиле површините под тутун и очекуваат повисок род.
Тутунарите годинава се оптимисти и предвидуваат дека приносот ќе биде солиден и поголем во споредба со ланската реколта.


