ГОЛЕМИТЕ СУПЕРМАРКЕТИ ДОБИВААТ ЗЕЛЕНО СВЕТЛО – Државата ги забрзува постапките
Скратени административни постапки за брзо реализирање на големи инвестициони проекти

Во просториите на Министерството за транспорт денеска се одржа стручна расправа за предложените измени и дополнувања на Правилникот за урбанистичко планирање.
Целта на измените е да се поттикнат инвестициите, да се зголеми конкуренцијата преку побрзи и поефикасни урбанистички постапки, да се отворат нови работни места и да се убрза економскиот развој.
Според предложените измени, постапките за урбанизација на супермаркети и хипермаркети со површина над 5.000 m² ќе се водат преку Министерството за транспорт. Ова е поради тоа што урбанизацијата на вакви објекти на локално ниво обично се одвива со забавена динамика, па со овие измени државата обезбедува поддршка на инвеститорите преку поефикасно и побрзо реализирање на нивните инвестициони планови.
Исто така, измените предвидуваат и намалување на административните постапки, што ќе овозможи побрза реализација на инвестициите.
Министерството за транспорт истакна дека овие измени имаат за цел да ја поттикнат конкуренцијата и да ги намалат инфлаторните движења, особено во услови на предизвици во снабдувањето со храна.
„Забрзаните постапки не се само административна промена, туку мерка која ќе обезбеди посилна конкуренција и динамичен развој на државата. Овој пристап им дава на инвеститорите поголема сигурност и предвидливост во постапките. Денешната стручна јавна расправа е доказ за отвореноста на Министерството за транспорт и за вклученоста на стручната јавност во подобрувањето на регулативата“, соопшти Министерството.


