ГОЛЕМ ПРЕСВРТ Дијаспората ќе гласа со еден клик – се менуваат изборните правила
Предлог-измените предвидуваат електронско гласање за дијаспората, забрана за политичка промоција преку службени профили и нови правила за финансирање на изборните кампањи.

Електронско гласање за македонските државјани во странство, забрана за политичка промоција преку службените профили на функционерите на социјалните мрежи за време на изборната кампања, нов модел за распределба на средствата за политичко рекламирање и нов праг за независните кандидати се дел од предложените измени на Изборниот законик.
Предлогот се очекува да влезе во собраниска процедура по скратена постапка.
Според документот, измените имаат цел да ги отстранат постојните правни празнини, да ја зголемат ефикасноста на изборниот процес и да обезбедат поголема транспарентност. И покрај најавите, концептот на една изборна единица не е вклучен во предложените измени.
Електронско гласање за дијаспората
Со новите законски решенија, гласањето во дипломатско-конзуларните претставништва би било заменето со електронско гласање.
Во предлогот се наведува дека „електронско гласање од странство“ ќе биде начин на остварување на избирачкото право на претседателски и парламентарни избори преку безбеден електронски систем на Државната изборна комисија, за избирачите кои привремено престојуваат или работат во странство и претходно ќе се пријават за ваков начин на гласање.
Нови правила за независните кандидати и финансирањето
За поднесување независни пратенички листи ќе бидат потребни потписи од најмалку 0,8 проценти од запишаните избирачи.
Во однос на финансирањето на изборната кампања, предложена е нова распределба на средствата за платено политичко рекламирање:
- 42 проценти за двете најголеми политички партии од власта и опозицијата, според бројот на освоени пратеници;
- 8 проценти за партиите кои имаат пратеничка група;
- 5 проценти за партиите без пратеничка група;
- 3 проценти за вонпарламентарните партии и независните кандидати.
Предлогот предвидува и ограничувања на донациите и најмногу 6.000 евра од физичко лице и до 50.000 евра од правно лице. Доколку се уплати поголем износ, разликата ќе треба да биде уплатена во Буџетот.
Забрана за политичка промоција преку службени профили
Измените предвидуваат нови ограничувања за носителите на јавни функции за време на изборната кампања.
Според предложениот член 8-б, функционерите во државните органи, општините, Градот Скопје, државните институции и другите субјекти со јавни овластувања нема да смеат да ги користат институционалните или службените профили на социјалните мрежи за поддршка, промоција или дискредитација на учесници во изборите.
Измените влегуваат во собраниска процедура
По повеќедневните усогласувања во работната група, измените се очекува формално да бидат доставени до Собранието со потписи од пратенички групи.
Според информации од владејачкото мнозинство, предлогот би можел да се најде на дневен ред уште на денешната пленарна седница.
Во измените треба да бидат вградени и препораките на ОБСЕ/ОДИХР, додека политичките партии паралелно ги усогласувале и своите предлози. Во работната група не учествувале претставници на опозициската СДСМ.
Последната средба на работната група се одржала во четвртокот, а консултациите биле завршени електронски до петокот, согласно претходната најава на Министерството за правда.
Измените на Изборниот законик се дел од обврските што произлегуваат од Реформската агенда на државата.


