ГОЛЕМ ИНФРАСТРУКТУРЕН ПРОЕКТ ЗА ИСТОКОТ Мицкоски откри кога ќе почне изградбата на експресниот пат Кочани – Виница – Делчево
Избрана е една од двете разгледувани варијанти на трасата, а проектот предвидува и клучка за Македонска Каменица.

Изградбата на новиот експресен пат што ќе ги поврзе Кочани, Виница и Делчево, со клучка за Македонска Каменица, треба да започне кон крајот на летото или почетокот на есента 2027 година. Ова го најави премиерот Христијан Мицкоски при денешната посета на Делчево, откривајќи дека веќе е избрана трасата на идниот патен правец.
Според Мицкоски, на јавната расправа биле разгледани две варијанти, од кои едната е избрана. Во тек е изработката на студија за изводливост и еколошка студија, а апликацијата за проектот веќе е поднесена.
Премиерот информираше дека за финансирањето се разговара со потенцијални финансиски институции, меѓу кои и Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој, пред кои проектот веќе бил претставен. Доколку активностите се одвиваат според планираното, студиите и концептите за избраната варијанта треба да бидат завршени напролет, по што би следувала реализацијата на проектот.
„Очекувам камен-темелникот да биде поставен кон крајот на летото или на почетокот на есента во 2027 година“, изјави Мицкоски.
Тој оцени дека со изградбата на експресниот пат значително ќе се подобри патната поврзаност на жителите од овој дел на Македонија со останатите региони. Покрај новиот експресен пат, Мицкоски најави и други инфраструктурни зафати во регионот. Од понеделник треба да започне реконструкцијата на патниот правец од Делчево до граничниот премин со Бугарија.
Завршена е и тендерската постапка за санација на мостот на излезот од Делчево кон Македонска Каменица и Кочани, со што се отвора патот за почеток на градежните работи. Премиерот денеска во Делчево изврши увид и во градежните активности на Здравствениот дом „Гоце Делчев“, како и на почетокот на реконструкцијата на градската спортска сала, заедно со министрите за здравство и спорт, Сашо Клековски и Борко Ристовски.

