ГО ОЖНЕАЛЕ ДРЖАВНОТО ЖИТО ВО ВРЕДНОСТ ОД 800.000 ЕВРА – Осомничени поранешни високи функционери
Осомничени поранешни функционери, раководители и вештак за незаконскиот отпис на жито во вреднот од околу 800.000 евра

Поранешниот заменик-министер за земјоделство, Трајан Димковски, поранешниот директор на Агенцијата за стокови резерви, како и уште двајца раководители од оваа Агенција и едно вешто лице од Бирото за процена од областа на земјоделството, се меѓу осомничените во големата акција која денеска ја спроведе македонската полиција во координација со Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје. Акцијата се реализираше на повеќе локации во Скопје, Куманово и други градови.
Според соопштението од Обвинителството, петтемина се осомничени за тешка злоупотреба на службената положба. Тие се товарат дека прикриле неоснован кусок од пченица и јачмен во ЈП „Агроберза“ во периодот 2019 – 2021 година. Наместо да ја известат Владата за вистинската состојба, осомничените меѓу кои и надворешен вештак доставиле неточни податоци, што довело до незаконски отпис на над 2.000 тони житарки: 1.500 тони меркантилна пченица и 500 тони јачмен. Ова предизвикало штета на државниот буџет од околу 780.000 евра.
Од ОЈО Скопје посочија дека против осомничените е поведена постапка за кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување, согласно член 353 став 5 во врска со став 4 и став 1 од Кривичниот законик.
„Осомничените ја злоупотребиле својата службена должност, бидејќи иако биле должни да ја известат Владата за настанатиот неоснован кусок на пченица и јачмен во ЈП „Агроберза“, тие доставиле неточни податоци. Еден од осомничените, ангажиран како надворешен соработник преку Бирото за процена, изготвил вешт наод со невистинити податоци, не земајќи ги предвид сите документи од Агенцијата за стокови резерви. Овој наод бил приложен кон информацијата до Владата, која го прифатила, по што бил извршен отпис на 1.500 тони пченица и 500 тони јачмен за сточна храна, со вредност од 29.112.000 денари (473.365 евра), додека според пазарната цена во 2022 година штетата изнесувала 48.000.000 денари или 780.487 евра“, наведуваат од ОЈО.
Обвинителството побарало определување мерки на претпазливост за осомничените, вклучувајќи одземање патни исправи и редовно јавување во суд.
Случајот со „Агроберза“ повторно го активира сомнежот околу управувањето со државните стокови резерви, сектор кој и во минатото бил предмет на критики поради ненаменско трошење, нерегуларности во јавните набавки и недоволна контрола на резервите.
Државниот завод за ревизија во повеќе извештаи нотирал дека дел од договорите за чување жито биле слабо контролирани, со несогласувања помеѓу фактичките и евидентните количини на пченица и брашно. Главните недостатоци се однесувале на ненавремено известување, слаб надзор и неусогласени книговодствени податоци.
Ревизорите укажале и на проблеми со контрола на складиштата – од недостиг на стока до расипани или несоодветно чувани резерви. Во повеќе случаи се констатирани отстапувања помеѓу пријавените и реалните количини.
Се очекува акцијата на ОЈО и МВР да поттикне засилени проверки и ревизии во делот на стоковните резерви, со цел поголема транспарентност и спречување на идни злоупотреби.

