ГЕРМАНСКИТЕ МЕДИУМИ ЈА ОТКРИВААТ ТАЈНАТА – НАТО има план за војна со Русија, ова се трите чекори
Според „Билд“, стратегијата предвидува употреба на авиони, ракети и дронови, а во една од фазите се споменуваат и удари врз цели во Русија.

Германскиот весник „Билд“ објави дека НАТО развил стратегија за евентуален директен конфликт со Русија, во која, според наводите, се предвидуваат и операции на руска територија. Според весникот, станува збор за документ наречен „Концепт на НАТО за копнено војување“, чиј автор е мајорот на американската армија Ендру Пингри. Планот, како што се наведува, е поделен на три стратешки чекори.
Во првата фаза, Алијансата би користела борбени авиони, ракети и беспилотни летала. Во исто време, се разгледува создавање таканаречена „автономна зона“ долж границите на балтичките држави со Русија и Белорусија, во која не би биле распоредени сили на НАТО.
Вториот дел од стратегијата, според „Билд“, предвидува директни удари врз цели на руска територија. Како можни цели се споменуваат аеродроми, одбранбената индустрија, мостови и железничката инфраструктура.
Во третиот сегмент се предвидува создавање „воздушен мост“ преку кој во Русија би биле префрлувани беспилотни летала и роботизирана технологија. Германскиот весник забележува дека е особено впечатливо тоа што ваквите планови, наводно, не се целосно скриени од јавноста.
Москва, од своја страна, со години ги отфрла тврдењата дека претставува закана за земјите од НАТО. Рускиот претседател Владимир Путин повеќепати изјави дека Русија нема намера да војува со Европа, но предупреди дека Москва би одговорила доколку западните земји започнат конфликт.
Во интервју со американскиот новинар Такер Карлсон во 2024 година, Путин исто така тврдеше дека Русија нема интерес да ги нападне земјите членки на НАТО и оцени дека западните политичари ја користат наводната руска закана за да ги плашат сопствените граѓани.
Наводите за стратегијата на НАТО доаѓаат во период на зголемени тензии меѓу Москва и западните земји и засилени подготовки на Алијансата за можен голем воен конфликт.

