ФУДБАЛСКИ ХАОС Камерун со две репрезентации на АФКОН!

ФУДБАЛСКИ ХАОС Камерун со две репрезентации на АФКОН!

Замислете ситуација во која добивате отказ, но одбивате да заминете. Ова е токму она што се случува во камерунскиот фудбал, само недела дена пред стартот на Африканскиот куп на нациите. Претседателот на Фудбалската федерација на Камерун, некогашниот познат фудбалер, а сега контроверзен функционер Самуел Ето, тврди дека го сменил селекторот Марк Брајс. Тоа се случува во критичен момент, пред најважниот турнир на африканскиот континент. Причината за смената? Не му се допаѓа списокот на Брајс.

Ето, во брза постапка, го назначи Давид Пагуа за нов селектор и објави список на играчи без Андре Онана, Ерик Максим Чупо-Мотинг и Винсент Абубакар. Особено интересен е фактот што Абубакар е на само 12 голови од рушењето на рекордот на Ето во националниот тим. Сепак, Брајс не се предава и му одговара на Ето: „Тоа нема да биде баш така…“ Тој го обвинува Ето дека е нарцис и дека ставил своето его пред интересите на земјата.

Дополнително, Брајс тврди дека сè уште е официјално вработен во Министерството за спорт на Камерун, со важечки договор до 2026 година, што значи дека правно гледано, тој сè уште е селектор, освен ако министерот или претседателот на државата не му дадат отказ. Оваа ситуација доведе до никогаш видена појава во фудбалскиот свет – два различни списоци на репрезентации на Камерун за АФКОН. Два селектори повикаа два различни тима, кои ќе се подготвуваат за турнирот во Мароко. Хаосот е очигледен. АФКОН започнува на 21 декември, а Камерун својот настап го отвора три дена подоцна со натпревар против Габон.

CATEGORIES
Share This