ФУДБАЛСКА ЛУДНИЦА ВО МАЈАМИ Англија ја растури Франција со 6:4, Сака со хет-трик испиша историја
Англичаните водеа 4:0 по првото полувреме, Франција се врати до 4:3, но драмата заврши со победа на „трите лава“.

Англија го освои третото место на Светското првенство 2026 по спектакуларната победа од 6:4 над Франција во натпревар кој веднаш влезе меѓу највозбудливите дуели на турнирот.
„Трите лава“ одиграа неверојатно прво полувреме и за само 45 минути создадоа огромна предност од 4:0. Деклан Рајс го отвори резултатот уште во третата минута, Езри Конса зголеми на 2:0 во 18-тата минута, а Букајо Сака со голови во 37-мата и 45-тата минута го донесе англискиот тим до убедлива предност.
Но, Франција не се предаде. Килијан Мбапе во 48-мата минута постигна гол за намалување на резултатот, а Бредли Баркола четири минути подоцна ја врати надежта кај „триколорите“. Мбапе со својот втор погодок во 66-тата минута го направи мечот целосно неизвесен – 4:3.
Во финишот следуваше нова голгетерска бура. Сака во 87-мата минута реализираше пенал и го комплетираше хет-трикот, Дембеле во 90+6 минута намали на 5:4, а Џуд Белингам во 90+8 минута го постави конечниот резултат 6:4.
Со оваа победа Англија стигна до својот втор медал во историјата на Светските првенства. По титулата од 1966 година, англиската репрезентација повторно се искачи на подиумот.
Покрај бронзениот медал, Англиската фудбалска асоцијација ќе добие и финансиска награда од нешто повеќе од 25 милиони евра. Франција како четвртопласирана селекција ќе инкасира околу 23,6 милиони евра.
Светските медиуми го оценија натпреварот како еден од најдобрите на Мундијалот. BBC напиша дека дуелот кој требаше да биде само борба за бронза се претворил во вистински фудбалски спектакл со неверојатни пресврти и десет голови.
Францускиот „L’Équipe“ оцени дека последниот натпревар на Дидие Дешан како селектор завршил со разочарување, посочувајќи дека Франција го одиграла едно од најлошите први полувремиња во неговата 14-годишна ера.
Германскиот „Bild“ беше уште поостар, оценувајќи дека Томас Тухел тактички го надмудрил францускиот тим и успеал да го запре најопасниот играч на противникот, Килијан Мбапе.
Италијанската „Gazzetta dello Sport“ истакна дека натпреварот за третото место, кој често се смета за помалку важен, се претворил во едно од најголемите шоу-претстави на Светското првенство.
Во финалето на Мундијалот 2026 вечерва од 21 часот ќе се соочат Аргентина и Шпанија, во борба за светската титула.


