ФУДБАЛ И ПОЛИТИКА – Повици за бојкот на Светското првенство во фудбал поради Гренлад
Повици од Германија и Британија за бојкот како политички притисок врз Вашингтон

Повиците до европските фудбалски тимови за можен бојкот на Светското првенство во 2026 година, кое ќе се одржи во САД, Канада и Мексико, стануваат сè погласни поради политичките активности на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп во врска со Гренланд.
Иницијативата ја покрена Оке Гетлих, претседател на ФК Санкт Паули и член на извршните одбори на Бундеслигата и Германската фудбалска асоцијација. Гетлих повика европските земји сериозно да размислат за бојкот, истакнувајќи дека „е сосема оправдано прашање дали Европејците треба да се натпреваруваат во земја која индиректно, а можеби наскоро и директно, ја напаѓа Европа“, alудирајќи на американската позиција кон Гренланд.
Сличен став изрази и германскиот пратеник Јирген Харт, сојузник на канцеларот Фридрих Мерц. Според него, бојкотот може да се користи како притисок врз Вашингтон, но откажувањето треба да се смета за последно средство. Харт нагласи дека Светското првенство во 2026 година има големо значење за Трамп, па таков потег би имал и политичка тежина.
Дебатата се прошири и во Обединетото Кралство. Конзервативниот пратеник Сајмон Хоар рече дека американскиот претседател нема почит кон сојузниците и предложи британските тимови да се повлечат од турнирот. Тој исто така постави прашање дали кралот Чарлс III треба да патува во САД во 2026 година, нагласувајќи дека такви чекори би можеле да го стават Трамп во незгодна позиција дома.
Либералниот демократ Лук Тејлор ја поддржа идејата за бојкот и повика владата да размисли за откажување на кралската посета и натпреварите на Светското првенство како начин да се покаже одговорност на американската администрација.
Британскиот новинар Пирс Морган исто така се вклучи во дебатата, повикувајќи ги националните тимови на Англија, Франција, Шпанија, Германија, Холандија, Норвешка и Италија привремено да се повлечат од натпреварувањето додека траат преговорите со Вашингтон за трговските тарифи. Тој нагласи дека отсуството на осум од десетте фаворити за титулата би создадало силен притисок врз другите земји да преиспитаат своето учество.
Светското првенство во 2026 година ќе се одржи од 11 јуни до 19 јули во 16 градови во САД, Канада и Мексико. Натпреварите ќе се играат во Мексико Сити, Гвадалахара, Монтереј, Торонто и во бројни американски метрополи, меѓу кои Њујорк, Филаделфија, Бостон, Атланта, Мајами, Хјустон, Далас, Лос Анџелес, Сан Франциско, Канзас Сити и Сиетл. Финалето ќе се одржи во Ист Радерфорд, Њу Џерси. Актуелен светски шампион е Аргентина, која во финалето на Светското првенство во 2022 година беше подобра од Франција по изведување на пенали.
Политичката позадина на дебатата е дополнително нагласена со најавените економски мерки на Вашингтон. Претседателот Трамп најави воведување царина од 10% за стоки од Данска, Норвешка, Шведска, Франција, Германија, Обединетото Кралство, Холандија и Финска од 1 февруари 2026 година, која ќе се зголеми на 25% од 1 јуни. Мерките ќе останат на сила додека не се постигне договор за „аквизиција на Гренланд“.
Според извори, администрацијата на Вашингтон неодамна испратила порака до Копенхаген за своите „сериозни намери“ околу Гренланд, иако САД и Данска веќе имаат договор за одбрана што вклучува американско воено присуство на островот.
Во вакви околности, можноста за бојкот на Светското првенство во 2026 година прераснува од чисто спортско прашање во пошироко политичко прашање, кое може значително да влијае на односите меѓу Европа и САД и на најголемиот фудбалски настан на планетата.

