ФРАНЦИЈА НАЈАВИ ПРИЗНАВАЊЕ НА ПАЛЕСТИНА ВО СЕПТЕМВРИ Следуваат реакции од сите страни

Макрон објави дека Франција ќе ја признае државата Палестина на Генералното собрание на Обединетите нации во септември

ФРАНЦИЈА НАЈАВИ ПРИЗНАВАЊЕ НА ПАЛЕСТИНА ВО СЕПТЕМВРИ  Следуваат реакции од сите страни
Фото: Принтскрин

Одлуката на францускиот претседател Емануел Макрон да ја признае државата Палестина предизвика бурни и спротивставени реакции – како на домашен терен, така и на меѓународната сцена, јавува телевизијата BFM.

Лидерот на десничарската партија Национален собир, Жордан Бардела, ја нарече оваа одлука „избрзана“ и оцени дека со тоа Макрон ѝ дава „неочекуван институционален и меѓународен легитимитет на Хамас – терористичко исламистичко движење“.

Од спротивниот политички табор, генералниот секретар на Француската комунистичка партија, Фабиен Русел, ја поздрави иницијативата, повикувајќи на дополнителни чекори – санкции против израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Израелскиот премиер Нетанјаху ја осуди најавата на Макрон, оценувајќи дека „таа поттикнува терор“ и дека е „наградa по масакрот на 7 октомври“. Според него, Франција ризикува да создаде уште еден ирански сојузник како што, како што вели, е Газа.

Министерот за надворешни работи на Израел, Гидеон Саар, ја нарече одлуката „смешна и неодговорна“, а министерот за одбрана Израел Кац изјави дека станува збор за „срамна капитулација пред тероризмот“.

Од друга страна, палестинскиот потпретседател Хусеин ел-Шеик ја поздрави одлуката, нарекувајќи ја „одраз на посветеноста на Франција кон меѓународното право и правото на палестинскиот народ на самоопределување“.

Слична поддршка стигна и од шпанскиот премиер Педро Санчез, кој изјави дека решението за две држави е единственото одржливо решение за конфликтот на Блискиот Исток.

Макрон објави дека Франција ќе ја признае државата Палестина на Генералното собрание на Обединетите нации во септември. Во писмо до палестинскиот претседател Махмуд Абас, тој ја потврди намерата Франција да стане првата западна сила што ќе го направи овој чекор.

„Францускиот народ сака мир на Блискиот Исток. Од нас зависи, заедно со Израелците, Палестинците и нашите партнери, да покажеме дека мирот е можен“, напиша Макрон на платформата X.

CATEGORIES
TAGS
Share This