ФОТОГРАФИЈАТА ШТО ГО ЧИНЕШЕ ФУНКЦИЈА Рубин Земон поднесе оставка
Оставката следува по бурните реакции за неговите ставови за Гоце Делчев и фотографијата со Виктор Стојанов во Софија.

Рубин Земон се повлече од функцијата член на Извршниот одбор на СДСМ, по серијата јавни реакции предизвикани од неговите изјави за Гоце Делчев и фотографијата објавена од средба со бугарскиот активист Виктор Стојанов во Софија.
Во објава на Фејсбук, Земон соопшти дека поднесува оставка за, како што наведе, да го заштити угледот на партијата од „непринципелни напади“ насочени кон него и неговото семејство.
Контроверзиите се засилија откако Стојанов, претседател на т.н. Фондација Македонија, објави фотографија од средба со Земон, опишувајќи го како дел од раководството на СДСМ и претставник на Египќаните во Македонија. Објавата подоцна беше избришана, но беше преземена и објавена од повеќе македонски медиуми.
Земон тврди дека средбата била случајна и дека не знаел со кого разговара. Според неговото објаснување, тој со својот син седел во трговски центар во Софија кога му пришле лица кои побарале заедничка фотографија и краток разговор.
Случајот предизвика дополнителни реакции во јавноста и поради претходната изјава на Земон за Гоце Делчев, во која рече дека „ништо не напишал во животот, ниедна битка не извојувал“, по што подоцна се извини и тврдеше дека бил погрешно разбран.
