ФИНАНСИСКАТА ПОЛИЦИЈА ОТВОРИ ПРЕДМЕТ Под лупа влезот на српски капитал во македонските медиуми

АВМУ ја запре постапката за промена на сопственоста на „Наша ТВ“ и Радио РФМ, додека институциите ги проверуваат наводите за сомнителен капитал и најавеното преземање од српската „Ало Медиа Систем“.

ФИНАНСИСКАТА ПОЛИЦИЈА ОТВОРИ ПРЕДМЕТ Под лупа влезот на српски капитал во македонските медиуми
Фото: Принтскрин

Управата за финансиска полиција отвори предмет и ги проверува наводите за можен влез на сомнителен капитал во македонскиот медиумски простор. Се испитуваат сите индиции и информации што досега беа објавени во јавноста. Во меѓувреме, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), поради постапувањето на надлежните институции, ја запрела постапката за промена на сопственичката структура на една телевизија и едно радио.

„Во врска со наводите изнесени од страна на СДСМ за наводен влез на сомнителен капитал и купување на телевизија, ја информираме јавноста дека Управата за финансиска полиција постапува по предмет и ги испитува сите индиции и информации кои беа изнесени во јавноста“, соопштуваат од институцијата.

Институциите засега не откриваат детали за предметот што го води Финансиската полиција, ниту официјално потврдуваат кои медиуми се опфатени со запрената постапка на АВМУ.

Според неофицијалните информации станува збор за „Наша ТВ“ и Радио РФМ, кои се во сопственост на Ристо Гоговски. Најавен купувач е српската медиумска групација „Ало Медиа Систем“. Оваа групација е познат медиумски субјект во Србија, каде што го издава дневниот весник „Ало“ и го управува порталот „Alo.rs“.

Според информации објавени од Н1, најавеното преземање на македонските медиуми би претставувало прво поголемо регионално проширување на оваа групација надвор од Србија. Групацијата веќе поседува два онлајн портали во Црна Гора. Како доминантен сопственик на групацијата се наведува српскиот бизнисмен Саша Благојевиќ, кој во изминатиот период го проширил своето медиумско портфолио.

Благојевиќ, според српските медиуми, има сопственички удели и во други медиуми, меѓу кои белградското Студио Б и 10 отсто од „Информер“. Неговото медиумско портфолио, покрај „Ало“ и „Ало.рс“, ги опфаќа и бизнис-порталот „БизПортал“ во Србија и „Поглед“ во Црна Гора. Во Србија, групацијата во последниот период се проширила и со локални телевизии, меѓу кои ТВ Прибој, ТВ Лав Плус и Ниш ТВ.

Благојевиќ е активен и во маркетинг-секторот, каде што се поврзува со агенцијата „Трилениум“, како и со сопствената компанија „Ало Маркетинг“. Дали најавеното преземање на „Наша ТВ“ и Радио РФМ ќе биде реализирано и дали во целиот процес постојат неправилности или сомнителни финансиски текови, треба да утврдат надлежните институции.

CATEGORIES
Share This