ФИНАЛЕ НА ЛШ – ПСЖ брани, Арсенал сонува историја

актичка војна на два шпански тренери, Артета против Луис Енрике.

ФИНАЛЕ НА ЛШ – ПСЖ брани, Арсенал сонува историја
Фото: Принтскрин

ПСЖ и Арсенал вечерва во Будимпешта ќе се соочат во финалето на Лигата на шампионите на УЕФА за сезоната 2025/26. Парижаните го бранат трофејот освоен минатата сезона, кога во финалето убедливо го совладаа Интер со 5:0. Тоа е и нивниот единствен трофеј во елитното европско клупско натпреварување.

Од друга страна, Арсенал никогаш не ја освоил Лигата на шампионите. Лондонскиот клуб само еднаш стигнал до финалето, во сезоната 2005/06, кога под водство на Арсен Венгер беше поразен од Барселона со 2:1.

Финалниот натпревар ќе се одигра на „Пушкаш Арена“ во унгарската престолнина, со почеток во 18:00 часот.

Тренерот на Арсенал, Микел Артета, пред финалето изјави дека неговиот тим има шанса да испише нова историја и да ја освои првата титула европски шампион.

„Подготовката беше многу добра и позитивна. Тука сме затоа што заслужуваме да бидеме. Ќе се обидеме да го заслужиме и овој трофеј“, изјави Артета.

Тој потврди дека Тимбер е подготвен за настап, додека Бен Вајт нема да биде дел од тимот. Артета додаде дека тимот научил многу од претходните дуели со ПСЖ и дека тие порази придонеле за нивната еволуција.

„Разговаравме за тие натпревари и еволуиравме на поинаков начин. Научивме многу“, нагласи тој.

Финалето ќе донесе и тренерски дуел меѓу двајца шпански стручњаци, бидејќи ПСЖ го предводи Луис Енрике, кого Артета го смета за една од своите најголеми инспирации.

„Тој отсекогаш ми бил референца, дури и кога бев играч. Неговата филозофија и начин на размислување се инспирација, но утре ќе бидеме ривали“, рече Артета.

Зборувајќи за значењето на натпреварот, тој истакна дека во тимот владее голема мотивација и желба за успех.

„Гледам глад, желба и огромна мотивација. Ова е најголемата игра во фудбалот и сите сакаат да бидат дел од неа“, додаде тренерот на Арсенал.

Арсенал никогаш во својата 140-годишна историја не ја освоил Лигата на шампионите.

„Знаеме колку е тешко, но тоа само нè мотивира уште повеќе. Имаме шанса да направиме историја, што би го променило клубот засекогаш“, истакна Артета.

Тој заклучи дека ПСЖ е фаворит како актуелен европски шампион, но дека Арсенал заслужува да се бори за трофејот.

„Тие ја бранат титулата, но и ние заслуживме да бидеме тука“, порача Артета.

Арсенал има можност да ѝ донесе на Англија трет европски трофеј оваа сезона. Претходно, Астон Вила триумфираше во Лигата на Европа, додека Кристал Палас се закити со трофеј во Конференциската лига.

CATEGORIES
Share This