ФИЛИПЧЕ АЛАРМИРА – Владата не прави ништо за граѓаните додека цените летаат
Порастот на нафтата и горивата директно го зголемува ценовниот притисок на храната.

Деновиве се потврдува она на што предупредувавме пред неколку недели: порастот на цените на енергенсите, дериватите и нафтата ќе предизвика поскапување на основните прехранбени продукти и на останатите производи во државата. Нафтата од 71 денар достигна 95,5 денари, а граѓаните веќе се жалат дека не можат да наполнат ни една кошничка. Основните прехранбени производи, како јајца, месо, млечни производи, овошје и зеленчук, значително поскапеле. Филипче предупредува дека кога овие цени ќе пораснат, назад нема да се вратат.
Тој ја критикува Владата што не вовела конкретни мерки за помош на граѓаните, посебно на најзагрозените категории: пензионери, семејства со повеќе деца, социјални случаи и најслабо платени работници. Според него, земјите во регионот веќе воведоа мерки како ограничување на цените на гориво и гас, и директна помош за ранливите групи.
Филипче наведува дека намалувањето на ДДВ-то на горивата од страна на владата не носи директна корист на граѓаните, затоа што компаниите имаат поврат на ДДВ, а основната цена на горивото зависи од светските берзи. Тој апелира за реални мерки кои ќе овозможат вистинско поевтинување како што се намалување на ДДВ-то на основните прехранбени производи на 0% и намалување на акцизата за 4 денари за гориво, што ќе донесе директна корист и за граѓаните и за компаниите, намалување на цените на патарините за олеснување на граѓаните како и специјални пакети мерки за најранливите категории: социјално загрозени, лица со посебни потреби, најсиромашни пензионери, лица со ниски примања и семејства со повеќе деца.
Филипче заклучува дека Владата нема капацитет ниту визија да ја води државата, што се гледа и по порастот на дефицитот од 3,5% на 5,1%, и повикува на преземање на мерки за олеснување на граѓаните во оваа криза.


