ФИЦО УДРИ ПО БРИСЕЛ – Ме напаѓаат за Путин, ама потоа сакаат детали од разговорите
Словачкиот премиер вели дека не гледа причина да одбегнува дијалог со руската страна.

Словачкиот премиер Роберт Фицо изјави дека дел од европските политичари го критикуваат поради неговите средби со рускиот претседател Владимир Путин, но дека веднаш потоа покажуваат интерес за тоа што било кажано на тие разговори.
Тој истакна дека не се води од идеолошки ставови и дека не гледа причина да избегнува дијалог со руската страна.
„Се среќавам со Путин и пред средбите сите ме критикуваат, а кога ќе се вратам од разговорите, истите луѓе ме прашуваат што точно рекол“ – изјави Фицо.
Според него, европските политичари доколку навистина сакаат да знаат што се зборува, треба самите да воспостават комуникација со Москва. Тој додаде дека Словачка се залага за разговор со сите страни.
Да потсетиме, во април Полска и балтичките земји го забранија прелетот на словачкиот владин авион над нивна територија на пат кон Москва, каде што се одбележува Денот на победата.
Според извори од полските дипломатски кругови, Фицо најверојатно ќе патува до руската престолнина со автомобил.
Тој најави дека за време на посетата ќе положи цвеќе на Гробот на непознатиот херој како почит кон советските војници кои загинале при ослободувањето на Словачка од фашизмот, но дека не планира учество на воената парада.
