ФАКТУРА ПО ФАКТУРА Мицкоски отвора истрага за цените во маркетите

Владата ќе бара што ги зголемува цените на основните производи, а наскоро се очекуваат конкретни резултати.

ФАКТУРА ПО ФАКТУРА Мицкоски отвора истрага за цените во маркетите
Фото: Принтскрин

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека Владата интензивно работи на анализа на цените на основните прехранбени производи, посочувајќи дека ова прашање е еден од неговите најголеми приоритети. Тој денеска изјави дека лично се вклучил во процесот на идентификување на производите кои се следат во статистиката и дека планот е детално да се разгледаат 600 до 700 клучни производи.

„Ќе одиме фактура по фактура, производ по производ, за да анализираме каде можеме да влијаеме и како можеме да влијаеме“, рече Мицкоски.

Тој додава дека станува збор за темелна операција која ја води лично. Премиерот се повика и на податоците на Еуростат, според кои основната потрошувачка кошница во Северна Македонија е меѓу најевтините во Европа и изнесува околу 49,7 проценти од европскиот просек.

Сепак, тој нагласи дека тоа не значи дека нема простор за дополнителни мерки и подобрувања.

„Дали е тоа доволно? Не е. Треба да работиме уште повеќе“, порача Мицкоски.

Тој најавува дека наскоро очекува конкретни резултати кои граѓаните ќе можат да ги почувствуваат. Владата претходно најави дека ќе продолжи со разговори со производителите, дистрибутерите и трговските синџири, со цел да се утврди што влијае врз растот на цените.

Во меѓувреме, Државниот пазарен инспекторат треба да направи споредбена анализа на набавните цени што маркетите ги плаќаат кон добавувачите и продажните цени кон потрошувачите, споредувајќи ги податоците од мај годинава со истиот период лани.

CATEGORIES
Share This