ЕВРОВИЗИЈА 2027 СЕ ТРЕСЕ Две земји се враќаат, две остануваат на бојкотот

Холандија и Белгија потврдија учество во Бургас, додека Шпанија и Ирска остануваат против настапот поради Израел.

ЕВРОВИЗИЈА 2027 СЕ ТРЕСЕ Две земји се враќаат, две остануваат на бојкотот
Фото: Принтскрин

Холандскиот јавен радиодифузен сервис НПО потврди дека земјата ќе има свој претставник на следниот Избор за песна на Евровизија, кој во 2027 година ќе се одржи во бугарскиот град Бургас.

Холандија годинава не настапи на Евровизија во Виена, првпат по 24 години, како знак на протест поради учеството на Израел. Иако не испрати свој претставник, холандскиот јавен сервис го емитуваше натпреварот.

НПО претходно најави дека Холандија повторно би можела да го прескокне натпреварот во 2027 година, но сега официјално е потврдено дека земјата се враќа на евровизиската сцена.

Белгија останува на Евровизија

И белгискиот јавен радиодифузер ВРТ потврди дека Белгија ќе учествува на Евровизија 2027. Одлуката му е соопштена на организаторот, Европската радиодифузна унија (ЕБУ).

Извршниот директор на ВРТ, Фредерик Делаплас, нагласи дека учеството не значи одобрување или нормализирање на случувањата во Газа и во други делови од светот.

„Учеството на ниту еден начин не претставува одобрување или нормализација на она што се случува во Газа и во остатокот од светот“, изјави Делаплас.

Одлуката на Белгија долго време беше неизвесна. ВРТ дури побара продолжување на рокот за потврдување на учеството, за да може да ја донесе конечната одлука.

Делаплас вели дека ВРТ не го менува својот став, туку дека притисокот врз ЕБУ резултирал со ветувања за промени во организацијата на натпреварот.

„Добро постапивме што извршивме голем притисок врз ЕБУ за да се овозможат промени. Добивме јасно ветување од раководството на ЕБУ дека промените ќе бидат видливи“, изјави тој.

Делаплас додаде дека одлуката не била лесна и дека ВРТ ги разбира и оние кои не се согласуваат со учеството. Тој истовремено негираше дека телевизијата била изложена на политички притисок да испрати претставник.

Шпанија и Ирска остануваат надвор?

Додека Холандија и Белгија потврдија дека ќе настапат во Бургас, Шпанија и Ирска засега остануваат на спротивната позиција.

Директорот на шпанскиот јавен радиодифузер РТВЕ, Хозе Пабло Лопез, најави дека на следниот состанок на Управниот одбор ќе предложи Шпанија да не учествува на Евровизија 2027 поради учеството на Израел.

Состанокот, според шпанските медиуми, треба да се одржи во средината на октомври.

Во август ЕБУ објави нови правила со кои се обидува да ги намали резервите на дел од земјите во врска со учеството на Израел. Меѓу другото, според новите правила, земја вклучена во вооружен конфликт не може да биде домаќин на Евровизија.

„Постигнат е технички напредок, но јасно е дека остануваат нерешени етички прашања“, изјави Лопез.

Ирскиот јавен радиодифузен сервис РТЕ, пак, веќе потврди дека Ирска нема да учествува на Евровизија 2027.

„РТЕ смета дека учеството на Ирска не е оправдано, со оглед на тековното човечко страдање во Газа и хуманитарната криза што ги загрозува животите на многу цивили таму“, соопшти ирскиот радиодифузер.

Од РТЕ дополнително потврдија дека нема да го пренесуваат Евросонгот што следната година ќе се одржи во Бургас.

CATEGORIES
Share This